Талибанците маршираат освојувајќи територија во северниот дел на Авганистан, пишува „Вашингтон пост“. Во очајничкиот обид за повлекување, повеќе од илјада војници од владините сили пребегаа преку границата со соседен Таџикистан. Тоа претставуваше петти ваков бран за повлекување во Таџикистан во изминатите две недели.

Ситуацијата во северниот дел на Авганистан претставува загрижувачки знак. Претседателот на Таџикистан, Емомали Рахмон, нареди мобилизација на околу 20 илјади резервисти на границата додека „Ројтерс“ извести дека најсиромашната држава во централна Азија размислува да подготви бегалски кампови во случај на доаѓањето на цивили од Авганистан.

Во меѓувреме Американците ја напуштија воздушната база Баграм на околу 60 километри од Кабул, која во изминатите две децении служеше како центар на нивните воени операции.

Хаотичната ситуација Авганистан во изминатите неколку месеци ги алармираше и организациите за човекови права. Хуманитарните организации предупредуваат за нова бегалска криза во случај на продлабочување на конфликтот. Шиитските заедници исто така се подготвуваат за враќањето на талибанците, а се стравува и од загрозувањето на правата на жените.

– Земањето пушка е последната опција. Сакаме да добиеме образование, да гласаме на избори, да ги почитуваме законите. Но овие терористи сакаат да спроведат геноцид против нашата секта, против нашиот успех. Ако владата не успее да ги заштити нашите семејства, тоа можеби ќе биде нашата последна опција – вели 22-годишниот студент Абдул Латиф.

Талибанското заземање на силно утврдениот Кабул делува како далечна можност. Наспроти напредувањето во делови од државата, талибанското водство изрази подготвеност за отворање на дијалогот со властите во Кабул. Не е познато што ќе опфатат новите разговори, додека се очекува талибанците да испратат писмен предлог за нивната визија за мир и помурување.