Постојано смислуваме интересни содржини и прилози. Така, со годинашната акција
„Летаме со Колибри“ споивме и спријателивме повеќе училишта во земјава и им ги отворивме вратите за идна соработка и дружење

„Колибри“, единствениот додаток за најмладите во македонскиот дневен печат, денеска полни 63 години!

На 6 јули во далечната 1958 година, првпат во „Нова Македонија“ се појави рубрика за најмладите читатели, насловена „Колибри“, која подоцна прерасна во прилог на весникот, кој, еве, излегува и денес.
Прва уредничка и идеен творец на овој единствен додаток за најмладите во македонскиот дневен печат е поетесата Евгенија Шуплинова, која долги години со љубов го уредуваше прилогот, за што беше и повеќекратно наградувана.
По нејзиното пензионирање, поетот Перо Миленкоски ги осмислуваше страниците на „Колибри“, кое го читаа деца од цела Македонија, а неколку години и поетот Наум Попески ги уредуваше овие шарени страници за децата, кои потоа стануваа идни читатели на весникот.
Веќе 15 години уредник на „Колибри“ е Марија Таушанска, која се труди да чекори по креативната патека што ја поставија нејзините претходници.
Но страниците на ова четиво за деца да бидат богати, информативни, читливи,
едукативни и забавни се грижат и нашите соработници, дописници од цела Македонија, наставници и ученици, писатели, уметници, библиотекари… и сите што се поврзани со детскиот свет. Секако, прилогот не би бил толку убав без учеството на цел синџир други соработници: техничките уредници, лекторите, фотографите, дистрибутерите…
И знаеме дека во вторник „Колибри“ е подарок во весникот и за децата, но и за сите што се грижат за нив и со својот ангажман им овозможуваат да имаат среќно и исполнето детство.

Ние едуцираме, информираме, промовираме… Доказ дека сме на вистинскиот пат сите овие години се успесите на талентите што своевремено ги краселе нашите страници на домашен, но и на меѓународен план. Затоа ќе продолжиме да им помагаме на сите надарени ученици од разни области да ја претстават својата умешност пред јавноста. Секако, ќе продолжиме да соработуваме со сите релевантни детски институции и манифестации во нашата земја, како и досега, и ќе поттикнуваме креативност.
И во изминатите две години, иако нѐ зафати пандемијата на коронавирусот и ништо веќе не е како порано, па и процесот на едукација, „Колибри“ спроведе две исклучително прифатени акции. Едната беше лани „Цртаме и пишуваме во карантин“, која имаше навистина голем одек, а најдобрите и најкреативни ученици беа наградени. Годинашната акција беше „Летаме со Колибри“, со која споивме и спријателивме повеќе училишта во земјава и им ги отворивме вратите за идна соработка и дружење.
Новите книги на многу писатели за деца и млади првпат се објавени на нашите страници, како и вестите за освоени награди и признанија на ученици и цели училишта дома и во странство. Се разбира, ќе продолжиме да ги поттикнуваме и да информираме за разни хумани акции, за успесите на децата со попреченост, да објавуваме текстови за етиката, да одбележуваме годишнини, но и да правиме интервјуа со креативци што животот им го посветиле на децата.

Со еден збор, драги деца, ќе се трудиме детството и растењето со „Колибри“ да ви бидат пошарени и поисполнети, како и досега.
Затоа, најубав роденденски подарок за нас ќе биде ако и во иднина нѐ читате, ни пишувате, нѐ поканувате да ве посетиме, зашто само така ќе го продолжиме заедничкиот лет, кој трае долго! Но, и покрај тоа, ние воопшто не сме уморни и имаме волја да подготвиме уште многу интересни броеви, зашто долгогодишната дружба со децата нѐ подмладува и постојано нѐ поттикнува да бараме нови содржини што ќе бидат по ваша мерка.
Да сме живи и здрави, заедно да славиме уште многу родендени!
Ве сака и постојано мисли на вас, вашето „Колибри“