Организација што ги застапува француските месари упати апел до властите да го запрат насилството од страна на „воинствените“ вегани, пишува магазинот „Тајм“. Веганството е начин на исхрана кој одбегнува користење на производи од животинско потекло.
Претседателот на Француската конфедерација на месарство, Жан-Франсоа Гилјар, прати писмо до министерот за внатрешни работи Жерар Колом во кое ја изразува загриженоста на 18 илјади француски месари, предизвикана од „желбата на веганите да ги наметнат нивните убедувања преку пропаганда и лажни вести“.
Гилјар наведува оти веганите повикувале на насилство против локалните месари, наведувајќи го примерот на одредна веганка што „го славела убиството на месар во терористичкиот напад во Треб“. Станува збор за Миријам-Серж Жугле која беше осудена за поддржување на тероризам, откако жената која се занимава со производство на веганско сирење, на Фејсбук објави дека смртта на месарот Кристијан Медве во заложничката криза во супермаркетот во Треб претставувала „правда“.
Организацијата укажува и на повеќе случаи на вандализам врз месари и ресторани кои служат специјалитети од месо. Медиумите претпоставуваат дека наводите се однесуваат на инцидентите во Лил, каде што беа начкртани графити и искршени прозорците на месарница и на одреден ресторан. Згора, Гилјар тврди дека 15 месарници во Франција биле полиени со лажна крв. Токму затоа, тој во писмото бара поддршка од властите за запирање на „физичкото, вербално и морално насилство“.
Француската кујна традиционално се заснова на месо и на млечни производи, но бројот на луѓе кои се изјаснуваат како вегани во Франција е во пораст, односно изнесува околу три отсто од населението, според податоците од 2016 година.