Богатството на Пол Ален изнесуваше 13,5 милијарди долари кога тој пристапи кон кампањата „Гивинг плеџ“ во 2010 година, станувајќи еден од 40-те луѓе кои се обврзаа дека ќе донираат барем половина од нивниот капитал во добротворни цели, пишува магазинот „Атлантик“.
– Верувам дека оние кои биле среќни да остварат големо богатство, треба да го стават на располагање за доброто на човештвото – напиша Ален, кога потпиша пристапност кон кампањата создадена од неговиот поранешен соработник Бил Гејтс, со кои беа соосновачи во „Микрософт“ и од Ворен Бафет.
До неговата смрт која настапи вчера, 65-годишниот Ален донираше значителни средства во добротворни цели. Тој беше именуван и за најдарежливиот донатор во САД, откако даде 372,6 милиони долари во 2011 година. Парите на Ален финансираа изградба на училишта, научни истражувања и лечење на болести, со што тој донираше вкупно две милијарди долари. Но, донирањето не е лесно, пред се, поради даночните прописи во САД.
– Даночниот систем ги поттикнува луѓето да одвојат средства во добротворни цели, но не гарантира дека парите ќе стигнат до организациите за кои се наменети. Донаторите добиваат даночни олеснувања за давањето пари во приватни фондации, кои мораат да ги искористат во филантропски цели, но немаат должност да ги потрошат парите – се наведува во анализата на „Атлантик“.
Големите подароци преставуваат своевиден товар и за добротворните организации.
– Неверојатно тешко е да се донираат 10 милијарди долари. Повеќето непрофитни организации не би знаеле што да прават толку голем подарок, кои би барале поголем простор како и зголемување на бројот на вработени. Згора, богатите донации привлекуваат големо внимание, кое честопати е несакано за филантропите – пишува во написот.
Основачот на „Фејсбук“ Марк Закерберг своевремено донираше 100 милиони долари на школскиот систем во Њуарк, по што беше критикуван бидејќи не ја консултирал локалната заедница.
Финансиските експерти посочуваат дека донирањето било многу полесно пред триесетина години, за разлика од денес, кога е проследено со голем број на правни прописи во кои се вкучени даночни советници, адвокати и вработени во непрофитни организации.
Богатството на Ален моментно се проценува на 20 милијарди долари, што е за 48 отсто повеќе во однос на капиталот со кој располагаше кога пристапи на кампањата за добротворни. Уште не е познато што ќе се случи со парите на Ален и колкав дел ќе биде дониран во „Гивинг плеџ“.