Ковид-19 и карантинските мерки што се воведуваат за да се спречи ширењето на коронавирусот ќе предизвикаат милиони нови случаи на родово насилство и несакана бременост. Милиони жени во светот се затворени во своите домови и се соочуваат со нарушени услуги на јавните здравствени системи, посочува Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА).
Според извештајот на агенцијата на ОН за сексуално и репродуктивно здравје, ковид-19 веќе има големо влијание врз жените низ целиот свет, при што многу жени избираат да ги прескокнат клучните лекарски прегледи поради страв да не се заразат со вирусот. Бројот на случаи на жени што немаат пристап до планирање на семејството и се соочени со непланирана бременост и родово насилство може да се зголеми за повеќе милиони во наредните месеци, предупредува УНФПА.
Ако карантинските мерки траат шест месеци, 47 милиони жени во 114 земји со ниски и средни приходи можеби нема да можат да пристапат до современи средства за контрацепција, а проекциите на УНФПА сугерираат дека ова ќе резултира со седум милиони случаи на несакана бременост. Дополнително, ако карантинските мерки се продолжуваат уште за три месеци, за секое ново продолжување би можело да се очекуваат нови 15 милиони случаи на насилство кон жените, посочува агенцијата на ОН.