Чикаго – Податоците од градот Чикаго покажуваат колку коронавирусот ги погодува афроамериканските заедници во САД. Афроамериканците во Чикаго претставуваат половина од потврдените случаи на ковид-19 и 70 отсто од смртните случаи, иако се само една третина од градското население. Други градови со големи афроамерикански заедници, како Детроит, Њујорк и Њу Орлеанс, покажуваат слични трендови, велат американски експерти.
Брисел – Европскиот парламент е обвинет за двојни стандарди, откако на помошниците на европратениците им било кажано дека ќе добијат намалени плати за една четвртина ако сакаат да работат од дома поради пандемијата. Парламентот претходно ги охрабри европратениците да работат од своите земји без никакви финансиски последици. Ако, пак, нивните асистенти не работат во Брисел, Стразбур или во Луксембург, ќе се соочат со финансиски казни.
Пекинг – Кина не забележа нови смртни случаи од ковид-19, првпат од избивањето на пандемијата во јануари. Во земјата се забележани 32 нови случаи на ковид-19, сите лица вратени од странство.
Лондон – Над сто светски организации повикаа годинава да не им се наплаќаат долговите на најсиромашните земји поради пандемијата на коронавирусот. Организациите им пишаа на светските лидери и на централните банки и повикаа на усвојување разни мерки со кои би се ослободиле околу 25 милијарди долари.
Мадрид – Полицијата уапси бизнисмен под сомнение дека од складиште украл медицински материјали во вредност од пет милиони евра, меѓу кои и над два милиони маски. Се верува дека крајната дестинација била Португалија. Бизнисменот е сослушан од судија, па е пуштен да се брани од слобода.
Женева – Државите што планираат да прекинат некои од мерките на изолација, треба постепено да го прават тоа, изјави Марк Рајан, директор за вонредни ситуации на Светската здравствена организација. Тој препорача мерките да се укинуваат во разни фази, а не истовремено, откако неколку земји, меѓу кои и во Европа, најавија ублажување на дел од рестрикциите во наредниот период.