Британската амбасадорка во Обединетите нации(ОН) Карен Пирс изјави денеска дека обвинувањата на Русија дека Велика Британија го режирала нападот со хемиско оружје во сирискиот град Дума е целосна лага.
Пирс пред Советот за безбедност на ОН рече дека Британија нема никаква врска, ниту, пак, на било кој начин се мешала во користењето на хемиско оружје.
– Ова е најлош пример на лажни вести што ги видовме од руската пропагандна машинерија – рече Пирс.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков порано во текот на денот се повика на изјави од лекарите во болницата во Дума, кои навеле дека во болницата влегла група луѓе со камери, викајќи дека пациентите во болницата се погодени со хемиско оружје и предизвикувајќи паника.
Лекарите рекле дека никој не бил изложен на хемиско оружје.
Спасувачи и сириските опозициски активисти наведоа дека минатата сабота во хемиски напад на силите на сириската влада се убиени над 40 луѓе во Дума, што доведе до гневни реакции на меѓународната заедница, а Вашингтон и некои западни земји соопштија дека размислуваат за воена интервенција.
Москва го предупреди Западот да не ја напаѓа Сирија и дека на евентуална воена интервенција ќе одговори.