Вашер-Леграв славеше во машка конкуренција во дополнителните партии против Криштов-Дуда, а Асаубајева беше убедливо прва меѓу шахистките
Францускиот велемајстор (ВМ) Максим Вашер-Леграв (2.787 рејтинг-поени во брз шах, рангиран осми на СП), е нов светски првак во забрзан шах, по Светското првенство (СП), а нова светска првенка стана ИМ Бибисара Асаубајева (17) од Казахстан. СП се одржа во Варшава (Полска).
По двата натпреварувачки дена и 21 коло (време за размислување три минути плус две секунди по секој одигран потег по играч), Вашер-Леграв, Јан Криштов-Дуда (2.792, рангиран шести) и Алиреза Фирузја (2.810, рангиран четврти) имаа по 15 поени. Според истиот систем како и во забрзан шах, Фирузја не играше во тај-брејкот, оти таа шанса ја имаа само првите двајца во регуларниот дел, пласман одреден според тежината на противниците со кои играле.
Според правилата, потоа се играше со исто темпо додека некој не ја добие првата партија по задолжителните две. По двете ремија, третата партија ја доби Вашер-Леграв со бели фигури и со тоа му ја одзеде титулата што му припаѓаше на светскиот првак во класичен шах, Магнус Карлсен (2.842), кој го освои 12-то место со 13,5 поени.
Во женска конкуренција првите две шахистки од СП во забрзан шах, само ги заменија местата. Асаубајева (2.285, рангирана 29-та) триумфира со 14 поени од 17 партии, пред ВМ од Русија, Александра Костењук (2.745, рангирана втора) со 12,5 поени, која го освои златото во забрзан шах. Асаубајева, која е интернационален мајстор (ИМ) од 2020 година, моментно е на 1.417-то место во светот меѓу активните шахистки во класичен шах. Таа, по ВМ Гунина во 2012 година (тогаш се уште беше ИМ), е втората шахистка со титулата ИМ, која победила на СП во брз шах за жени.
Претходно на СП за мажи во забрзан шах, нов светски првак стана узбекистанскиот тинејџер, 17-годишниот ВМ Нодирбек Абдусаторов (2.593, рангиран 59-ти пред СП), кој по дополнителните партии го победи финалистот во мечот за светски првак во класичен шах, Русинот Јан Непомнијашчи (2.798), а трет беше Карлсен.
На СП во брз шах за мажи настапија 179 шахисти (143 ВМ) од 45 држави, а на СП за жени, 105 учеснички (15 ВМ) од 29 држави. Г.И.
СВЕТСКИ ПРВАЦИ
КАТЕГОРИЈА МАЖИ ЖЕНИ
класичен шах Магнус Карлсен Ју Венјун
забрзан шах Нодирбек Абдусаторов Александра Костењук
брз шах Максим Вашер-Леграв Бибисара Асаубајева