ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (236)

МАРЈАН СОКОЛОВСКИ (1)

Повеќе од 50 години Соколовски е присутен во пливачкиот спорт, во почетокот како активен пливач, а потоа и како тренер. Тој беше еден од првите ученици на популарниот Миле Алексиев-Сирма, низ чии раце поминаа многу генерации пливачи.
Тој беше учесник на Олимпијадата во Пекинг, тренер на светскиот вицешампион за глуви Андреј Стојановски

Има луѓе што целиот свој живот ѝ го посветиле само на една работа. Во почетокот, особено ако се работи за спортот, сето тоа било од желба за докажување во младешките години и, едноставно, за исполнување на слободното време со некоја корисна работа. Но подоцна, и не претпоставувајќи дека ќе се случи тоа, тој ангажман се претвора во извор за животна егзистенција. Такви примери има многу, а еден од нив е и примерот со популарниот Марјан Соколовски, во пливачкиот свет познат како Мане. Неговата биографија е многу интересна. Таа е испреплетена со убави, но бидејќи не може секогаш сѐ да биде „розово“, имал и тешки моменти, кога и самиот се прашувал што понатаму, дали од тоа што го работи ќе може да се живее. Сепак, и покрај маките, а воден од ентузијазмот и желбата да направи нешто во пливачкиот спорт, се решава да оди докрај. Се чини и дека не згреши, зашто минувајќи низ сите премрежиња, тој успеа да создаде име што со пиетет се споменува во македонските спортски, не само пливачки кругови.

За човекот што својата афирмација некако од сенка, но настојчиво ја градеше, има многу да се пишува. Тој е полн со доживувања, почнувајќи од оние кога влегуваше во студената вода во трите скопски базени, Кале, Аеродром и Сарај, па до тренерските денови, кога извесен период работеше со најголемиот македонски пливачки талент Александар Маленко, а подоцна и со Андреј Стојановски, кој стана светски вицешампион за глуви спортисти, што ѝ донесе голема радост на македонската спортска јавност. Мане повремено знаеше да се „загуби“ од очите на јавноста и да замине на година-две да работи како тренер во Лондон, потоа да тркне и да ги тренира пливачите во Емиратите, во Дубаи и Абу Даби, за во моментов да биде тренер во Швајцарија, во клубот Свимферајнбадер од Базел. И што е битно, секогаш меѓу овие дестинации наоѓаше време да дојде дома и повторно да биде покрај базенот со скопските пливачи. Но да почнеме со неговата приказна.

ПРВИ ТРЕНИНЗИ СО ЧИЧКО СИРМА

Како и за сите скопски деца, базенот во СРЦ „Кале“ беше местото каде што во жешките лета се разладуваа. Некои од нив доаѓаа да им помине времето и тука да го поминат летниот распуст, а други, кои имаа афинитет кон спортот, им се приклучуваа на неколкуте групи млади пливачи, кои организирано тренираа и се подготвуваа за натпреварите. Интересно е дека во тој период од 1960-тите години, човекот што ги обединуваше сите тие момчиња беше популарниот чичко Миле Сирма, син на познатиот резбар Нестор Алексиев, инаку и тој самиот и денес, иако е во години, го негува резбарскиот занает.
– Дојдов во групата пливачи во 1968 година. Бев еден од најредовните на тренинзите и почувствував дека пливањето ќе биде мојот спорт. За ова најголема заслуга имаше токму чичко Миле Сирма, кој имаше еден родителски пристап кон нас и со убави зборови, некогаш и кога се колебавме дали да останеме во пливачкиот спорт, знаеше да нѐ убеди и едноставно да нѐ насочи кон вистинскиот пат. Често знаеше да ни се обрати со зборовите: „Деца мои, пливањето и спортот се убава работа, зошто да бегате од него и залудно да го трошите времето“. Сфатив дека во овие зборови има голема вистина и затоа цврсто решив да останам во пливачкиот спорт. Ни импонираше и фактот што Сирма и тогаш, а и многу порано, беше познат и афирмиран во јавноста како пливач и ватерполист, па некако ни годеше кога ќе се пофалевме пред другарите дека токму тој човек е нашиот тренер – вели Марјан Соколовски.

Од ова време, пак, Марјан Соколовски се сеќава и на нешто друго. Имено, базенот се полнеше во мај и требаше да помине долго време водата да се загрее.
– Бевме нетрпеливи, веднаш во почетокот на јуни да влеземе во неговите води и да почнеме со тренинзи, зашто сезоната траеше многу кратко, едвај три месеци. Тоа за еден активен пливач, кој има амбиции да постигнува добри резултати, навистина беше краток период. За разлика од нас, во другите републики од поранешната држава имаше затворени базени и активностите се одвиваа во текот на целата година. Затоа, колку и да сакавме да им парираме на нашите ривали, не бевме во можност да го сториме тоа. Едно е да се работи во текот на целата година, а друго само симболично во текот на летото. Состојбата се смени многу подоцна, кога од самопридонесот на граѓаните на Скопје во 1979 година беа изградени двата базена, малиот во Карпош и олимпискиот во Центар. Е, тогаш почнаа да се постигнуваат подобри резултати и полека се доближувавме до југословенскиот просек – вели Марјан Соколовски.

ДЕЛФИН – НАЈОМИЛЕНИОТ СТИЛ

Со изградбата на затворените базени и со редовната работа преку целата година, почнаа годините на подем на македонското пливање. Во тој период почна да се создава и тренерскиот кадар, чиј предводник беше професорот Димитрие Поповски-Шкипер. Тој ја презеде палката од рацете на постарите и го формира ПК Студент, кој стана водечки во Македонија и од него излегоа речиси сите репрезентативци и рекордери.

Интересно е кажувањето на Мане за првите негови трки, кои најчесто беа во слободен стил.
– Во почетокот настапував на 100 и на 200 метри слободно. Бевме една група млади пливачи, меѓу кои би ги споменал Бабиќ и Наумов. Постојано на првенствата се менувавме од првото до третото место. Тогаш голем конкурент ни беше стружанецот Мирче Затуровски, кој подоцна стана еден од најпознатите и најквалитетни македонски пливачи. Што се однесува до мене, многу интересен ми беше моментот кога од батерфлај се мина во – делфин. Многумина не правеа разлика меѓу двата стила, но не беше така, имаше голема разлика, која дојде како резултат на поинаквиот начин на работа со нозете. Не знам зошто овој стил многу ме привлече и оттогаш постојано настапував во делфин. Во оваа дисциплина станав неприкосновен и доминантен, особено на 200 метри. Во 1970-тите години на оваа патека немав ниту еден пораз на првенствата на Македонија, што ме правеше особено горд и задоволен – вели Мане.

СКОК И ВО ВАТЕРПОЛОТО

Соколовски, како впрочем и сите други пливачи, играше и ватерполо. Активностите во овој спорт се засилија, особено по изградбата на базенот во Карпош. Тој на некој начин им стана дом на ватерполистите, за чии активности и непречена работа се грижеше познатиот маратонец Климе Савин.
– Савин имаше голем придонес за развојот на ватерполото. Тој, за да создаде една квалитетна екипа, нѐ собра пливачите и така, покрај настапите во пливачките натпревари, игравме и на првенствата и турнирите во ватерполо. И јас не можев да му одолеам на предизвикот и заиграв ватерполо, заедно со Дуко, Катру, Муса, Боро. Но тоа не траеше долго, зашто, сепак, за мене приоритет беа пливањето и настапите на првенствата на Македонија и на Југославија – вели Соколовски.

Навистина, Марјан не згреши, зашто, сепак, трките повеќе го привлекуваа. Впрочем, и резултатите го оправдаа неговиот потег, па, така, на Државното младинско првенство во Риека, во 1977 година, Соколовски се пласира во финалната трка на 200 метри делфин, што беше голем успех за него и за македонското пливање. Тогаш постави и сениорски рекорд на Македонија.
– Имав и други успешни настапи на првенствата од сојузен ранг, но останаа и некои работи за паметење. Се сеќавам на еден сојузен натпревар на кој бев финалист на 200 делфин, а Затуровски на 400 метри, пред настапот ни пријде Шкипер и, како што е вообичаено, ни ја кажа тактиката, а потоа додаде: „Пливајте побрзо, за да не ни побегне возот“. Ова нѐ изнасмеа и цело време си мислев, пливај Мане побрзо, инаку отиде возот. Шега настрана, возот навистина го „фативме“ во последен час. Шкипер, инаку, беше сериозен и строг, но понекогаш знаеше и на ваков начин да нѐ расположи и да внесе ведрина – вели тој.

За да остане постојано „врзан“ со пливањето, Мане Соколовски се запиша на Факултетот за физичка култура. Откако го заврши, се едуцираше учествувајќи на многу меѓународни семинари и стана еден од нашите најдобри тренери. Тој има и највисок сертификат за тренер од меѓународен ранг од Светската пливачка асоцијација. За неговата кариера како тренер, за резултатите, за олимписките доживувања во Пекинг, но и за проблемите со кои се среќаваше ќе читате идната недела.


МАРЈАН СОКОЛОВСКИ

Роден: во 1959 година во Скопје
Кариера: АПК Студент од Скопје и една сезона ватерполист во истиот клуб
Успеси: Повеќекратен првак на Македонија во пионерска и младинска конкуренција во слободен стил, сениорски првак и рекордер на 200 метри делфин, учесник во финалната трка на 200 метри делфин на младинските првенства на поранешна Југославија во Риека во 1977 година
Тренерска кариера: Како тренер на Михајло Ристевски учесник на ЛОИ во Пекинг во 2008 година и второ место со Андреј Стојановски на СП за глуви во Сан Антонио во 2015 година, инструктор во многу пливачки школи и тренер во неговиот клуб Акватик, на клубови во Лондон, Абу Даби и во Базел