Бев туристка тука. Кога се враќав не знаев што ќе се случи, дали ќе можам повторно да играм на тоа ниво. На трева претходно не играв добро. Мислам дека тоа беше најневозможниот гранслем-турнир за мене да победам, па не ни помислив на тоа, рече Вондроушова
ТЕНИС
Пред една година Маркета Вондроушова беше гледачка на тенискиот гранслем-турнир Вимблдон, со гипс на левиот зглоб, а во саботата, таа го освои трофејот за шампионка и стана првата неносителка што ја освојува титулата на Вимблдон во т.н. опен ера (од 1968 година), откако ја победи Онс Жабер во финалето со 6-4, 6-4, пишува Женската тениска асоцијација (ВТА).
– Бев туристка тука. Да, кога се враќав не знаев што ќе се случи, дали ќе можам повторно да играм на тоа ниво. Ова изгледа невозможно. На трева претходно не играв добро. Мислам дека тоа беше најневозможниот гранслем-турнир за мене да победам, па не ни помислив на тоа. Кога пристигнав, си реков „обиди се да победиш на неколку натпревари“. Сега ова се случи, лудо е – рече Вондроушова, пренесе ВТА.
За 24-годишната Вондроушова, рангирана 42. на ВТА-листата пред почетокот на турнирот, тоа беше прва гранслем-титула во поединечна конкуренција, а претходно стигна до финалето на Ролан Гарос, во 2019 година. Со титулата се предвидува дека Вондроушова првпат ќе биде меѓу првите 10 на ВТА-листата.
– Мојот тренер Јан Мертл ми рече по финалето: „Не можев да верувам колку си мирна“. Мислам дека тоа беше главниот клуч за оваа титула, дека само продолжив да верувам и останав смирена – рече Вондроушова, која победи пет носителки на патот кон трофејот.
Вчера во финалето во машка конкуренција на Вимблдон играа Новак Ѓоковиќ и Карлос Алкараз. Н.М.