Од ЕП во 2018 година во Скопје / Фото: „Нова Македонија“

Скопје вторпат ќе биде домаќин и на ЕП во забрзан и во брз шах, а сите три турнири на програмата се од 6 до 11 декември

Европското првенство (ЕП) во забрзан, брз и во т.н. Фишеров шах (или шах 960) ќе се одржи од 6 до 11 декември во х. „Континентал“ во Скопје, кој вторпат ќе биде домаќин на вакво ЕП, по тоа во 2018 година. Оваа одлука за домаќинство од порано беше позната, но дефинитивно беше потврдена на конгресот на неодамна завршената Шаховска олимпијада (ШО) во Будимпешта.
ЕП во забрзан шах ќе биде прво на распоредот и ќе се игра на 7 и на 8 декември, во 11 кола (швајцарски систем), со темпо на размислување од 15 минути, плус 10 секунди по секој одигран потег, почнувајќи од првиот. ЕП во брз шах, пак, ќе се игра на 9 декември во 13 кола (швајцарски систем), со временска контрола од три минути, плус две секунди по секој одигран потег, почнувајќи од првиот. Она што е новитет на ова поединечно ЕП е што ќе биде првото одржано поединечно првенство во т.н. Фишеров шах (поставеноста на почетната позиција на фигурите компјутерски се одредува, со тоа што пешаците остануваат на вториот, односно на седмиот ред), кое ќе се игра на 10 декември (швајцарски систем) во 11 кола со временско темпо од 10 минути, плус пет секунди, по секој потег, почнувајќи од првиот.
– Еден од главните мотиви што Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) се кандидира за домаќин на ова ЕП е тоа што првпат ќе се одржи и ЕП во т.н. шах 960. Добивањето на организацијата на ова ЕП претставува уште еден доказ за довербата што ШФМ ја стекна кај меѓународната шаховска организација, како квалитетен организатор на големи шаховски манифестации. Со тоа ние, како држава, успешно продолжуваме да се етаблираме во шаховскиот свет каде што се игра шах и на најдобар начин се промовира истиот тој – вели членот на Управниот одбор на ШФМ, Зоран Стојчевски.
ЕП 2024 е отворено за сите шахисти од шаховски федерации членки на Европската шаховска унија, без разлика на нивната титула и рејтинг. Нема ограничување на бројот на учесници по федерација. Вкупниот награден фонд е 47.000 евра, плус 3.000 евра во ваучери. Пријавувањето трае до 30 ноември. Од ШФМ доаѓа и информацијата дека годинашниот турнир Опен Скопје ќе се одржи од 29 ноември до 5 декември во Скопје. Г.И.


НЕКОИ ОД Најголемите шаховски манифестации во Македонија

ГОД. НАСТАН, ДОМАЌИН
1967-1976 „Средба на солидарноста“, Скопје, Крушево, Охрид
1969 12. Двомеч СФРЈ – СССР, Скопје
1971 1. Меѓузонски турнир за жени, Охрид
1972 15. Двомеч СФРЈ – СССР, Охрид
1972 43. Конгрес на ФИДЕ, Скопје
1972 20. Шаховска олимпијада, Скопје
1984 6. Балканијада, Скопје
2001 2. Поединечно ЕП, Охрид
2009 25. Европски клупски куп, Охрид
2015 31. Европски клупски куп, Скопје
2018 61. СП во проблемски шах, Охрид
2018 31. ЕП во забрзан и во брз шах, Скопје
2019 20. Поединечно ЕП, Скопје
2021 36. Европски клупски куп, Струга
2023 Светско екипно првенство за ветерани, Струга