ШАХ
Меѓу 11 шаховски федерации, талентираната Илијана Велева, во категоријата до 10 години, покрај среброто во стандарден шах, се закити и со сребра во забрзан и во брз шах
Надежната шахистка Илијана Велева е најуспешна од македонската експедиција на Балканското првенство (БП) за млади (до 8, 10, 12, 14, 16 и до 18 години), кое се одржа во Цетиње (Црна Гора). Таа освои вкупно три сребрени медали, што е извонреден успех и уште еден доказ дека се работи за извонреден шаховски талент. Покрај првото сребро, кое го освои со стандардно време на размислување (девет кола) со пет поени, таа се закити со сребро и во забрзан шах (10 минути плус пет секунди по секој потег по играч) во девет кола, освојувајќи пет поени, меѓу 28 учесници од 10 држави (играа заедно и момчињата и девојчињата, но резултатите се сметаа посебно) и во брз шах (три минути плус две секунди по секој потег), во 11 кола, со 5,5 поени меѓу 21 учесник од седум држави.
Од другите македонски претставници (вкупно11), Стојан Велкоски во категоријата до 18 години освои сребро со стандардно време на размислување, во забрзан и во брз шах беше деветти. До 12 години, Игор Александар Спасов беше осми (забрзан) и седми (брз шах), а Наде Смилевска петта и деветта. До 14 години, Михаил Николовски беше 12-ти и 14-ти, Оливера Николовска шеста и седма, Тамара Јовановска деветта и 10-та, и Емилија Лушеска 11-та и деветта. До 16 години, Валтон Џеладин беше деветти и осми, а Бонита Јакимова петта и во забрзан и во брз шах.
На БП учествуваа сите држави од новоформираната Балканска шаховска федерација, која беше конституирана на Шаховската олимпијада (ШО) во Ченаи годинава или вкупно 106 шахисти/ки од 11 шаховски федерации (Македонија, Црна Гора, БиХ, Србија, Хрватска, Словенија, Романија, Молдавија, Албанија, Бугарија и Косово), а во сите категории играа заедно и момчињата и девојчиња, но резултатите се сметаа одвоено. Г.И.