Победивме во Купот на Словенија, победници сме и во регионалната лига, а во словенечкото првенство сме неприкосновени, со 21 победа, без пораз, вели Ѓоргиев, член на АЦХ Љубљана
ОДБОЈКА – НИКОЛА ЃОРГИЕВ
Засега сѐ оди одлично, презадоволен сум во АЦХ Љубљана. Веќе го освоивме Купот на Словенија, победници сме и во регионалната лига МЕВЗА, за малку не се пласиравме во финалето на Челенџ-купот на Европската одбојкарска конфедерација, по поразот од францускиот Нарбон волеј во „златниот сет“. Во словенечкото првенство сме неприкосновени сезонава, 21 победа, без пораз, со сет-ефект од 63-5. Очекувам да продолжиме со исто темпо до крајот на шампионатот, до разигрувањето за титулата, што ќе потрае до крајот на април, и до освојување уште еден трофеј, вели капитенот на македонската одбојкарска репрезентација, Никола Ѓоргиев (33), кој сезонава настапува за тимот од главниот град на Словенија.
АЦХ Љубљана е седумнаесеткратен првак на Словенија и има 12 триумфи во регионалната лига, која се игра од 1992 година и во која настапуваат тимови од Словенија, Хрватска, Австрија, Унгарија и од Словачка.
Ѓоргиев, кој е еден од најдобрите одбојкари во редовите на АЦХ Љубљана и еден од најдобрите напаѓачи во одбојкарското првенство на Словенија, ги пропушти претходните два натпревара поради мала повреда на тетивата.
– Не е ништо страшно, но немаше потреба да форсирам по многуте мечеви и затоа добив мала поштеда. Одам на терапија и за некој ден очекувам сѐ да биде во ред. Имам само пофални зборови за мојот нов клуб.
Сѐ функционира како што треба, сѐ е на највисоко професионално ниво, над сите мои очекувања. Тоа е еден од најдобро организираните клубови во кои сум играл во кариерата, а ги има повеќе, во Италија, Франција, Јапонија, Полска, Германија, Турција. Имам понуда за продолжување на договорот и најверојатно ќе останам тука уште сезона-две. Јас сум задоволен, во клубот се задоволни од мене, секако и од постигнувањата сезонава, сѐ оди според планираното – изјави Ѓоргиев.
Македонската одбојкарска репрезентација годинава повторно ја очекува настап во Европската „сребрена“ лига, според распоредот, кон крајот на мај и во почетокот на јуни, со финален турнир што треба да се игра во Унгарија. Македонија е во групата Б со Романија, БиХ и со Албанија, но можни се промени.
– Тоа е единственото репрезентативно натпреварување годинава за нас и продолжуваме таму каде што застанавме лани. Најверојатно ќе играме само четири натпревари во групата, очекувам повторно пласман на завршниот турнир и се надевам дека од „вечно“ втори, четири пати, во ова натпреварување конечно ќе победиме. Ќе имаме и нов селектор, имаме искуство, пред сѐ некои од помладите одбојкари сѐ повеќе се наметнуваат. Мора да се размислува и за подмладување, затоа што следната година нѐ очекува Европското првенство (ЕП) на кое Македонија е кодомаќин – рече Ѓоргиев.