Последната етапа традиционално завршува во Париз и вообичаено е церемонијална, лидерот не е предизвикуван, но тоа ќе се промени во 2024 година, кога хронометарот значи дека трката може да биде нерешена до последниот момент, пишува „Би-би-си“

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ПРОМЕНА ПОРАДИ ЛОИ 2024

Велосипедската трка Тур де Франс во 2024 година ќе заврши во Ница, првпат надвор од парискиот регион во својата 121-годишна историја. Последната етапа на грантур-трката традиционално завршува на Елисејските Полиња во француската престолнина. Но поради Летните олимписки игри во Париз, кои почнуваат неколку дена подоцна во Париз, 110-то издание на трката ќе заврши со етапа на хронометар. Трката ќе се врати во Париз во 2025 година, 50 години по првата завршница на Елисејските Полиња, пишува „Би-би-си“.
– Ница е град што сјае, позната е низ целиот свет. Таму е убавината на амбиентот и планините во близината. Градот нуди исклучителен амбиент – рече директорот на Тур, Кристијан Прудом
Ница беше домаќин на првата етапа на Тур де Франс во 1981 и во 2020 година и е позната територија за велосипедската елита, бидејќи е домаќин на финишот на трката Париз – Ница, една од најпознатите трки во спортот, од 1933 година. Трката Тур де Франс не завршила со етапа на хронометар од 1989 година. Последната етапа вообичаено беше церемонијална, а лидерот не беше предизвикуван, но тоа ќе се промени во 2024 година, кога хронометарот значи дека трката може да биде нерешена до последниот момент.
Изданието на Тур де Франс за 2023 година, кое ќе се одржи од 1 до 23 јули, ќе заврши во Париз како и обично. Првото издание на Тур, во 1903 година, заврши во Вил д’Авреј, предградие на западен Париз. Следните две трки, исто така, завршија во околината на Париз, но победниците беа прогласувани на Паркот на принцовите.