Наградените учесници на турнирот

Само 12 партии од вкупно 90 завршија со поделба на поенот, а и тие беа мошне борбени. Сите учесници играа како пред 40 години, што е за поздравување, вели претседателот на ШКВ Скопје 72, Илија Стошевски

ВЕТЕРАНСКИ ШАХОВСКИ ФЕСТИВАЛ

Со вториот ветерански шаховски турнир (од предвидените три), одржан викендов, со забрзано темпо на игра (15 минути плус 10 секунди по секој потег), продолжи одбележувањето на јубилејот 80 години од ослободувањето на градот Скопје, 13 ноември, наречен „Незаборав за хероите“, во организација на ШКВ Скопје 72. Во конкуренција на 20 шахисти, од кои двајца ФИДЕ-мајстори (ФМ), по девет кола, победи првиот фаворит Миле Трајковски (2.090 рејтинг-поени, рангиран прв пред почетокот на турнирот) со осум поени и новоосвоени 29,8 рејтинг-поени.
Второто место го освои Илија Тодоровски (1.978, рангиран четврти) со 7,5 поени, а трет е искусниот Илија Стошевски (2.016, рангиран трет) со 6,5 поени, колку што имаше и ФМ Љубомир Хаџиманев (1.898, рангиран шести), но со послаб дополнителен критериум од Стошевски. Победникот на првиот турнир, со брзо темпо, ФМ Јани Богоевски, од оправдани причини не настапи на турнирот.
– Борбен турнир до т.н. „голи кралеви“. Само 12 партии од вкупно 90 завршија со поделба на поенот, а и тие беа мошне борбени. Сите учесници играа како пред 40 години, што е за поздравување. Организацијата и на овој турнир, кој се одигра во просториите на ШК Алкалоид, беше во најдобар ред. Едноставно беше вистинско уживање да се присуствува на овој ветерански турнир и да се следат шаховските возбудувања – вели претседателот на ШКВ Скопје 72, Илија Стошевски.
Следен турнир во рамките на овој фестивал е турнирот од 7 до 13 ноември, со темпо од еден час плус 30 секунди по секој потег, кој ќе се одигра во седум кола, исто така, во просториите на ШК Алкалоид. Сите три турнири ќе се сметаат за официјални ветерански првенства на Скопје за годинава. Г.И.