На митингот во Александрија (Грција), тој прескокна 7,60 метри

АТЛЕТИКА – СКОК ВО ДАЛЕЧИНА

Андреас Трајковски, член на атлетскиот клуб Работнички од Скопје, постави нов македонски рекорд во скок во далечина, со прескокнатите 7,60 метри, на меѓународниот атлетски митинг одржан во Александрија. Трајковски го оствари рекордниот скок уште во првата серија и го освои третото место.

Тој скок е за 19 сантиметри подолг од неговото претходно рекордно остварување неодамна, постигнато на митингот во Лимасол (Кипар) од 7,41 метри. Претходно македонскиот рекорд во оваа дисциплина изнесуваше 7,15 метри и беше во сопственост на тројца атлетичари, Зоран Тасевски, Тони Дамчевски и Славчо Мирчевски.

Трајковски (29) е роден во Копенхаген (Данска), татко му е од Македонија, мајка му од Данска. Лани тој доби македонско државјанство, а од февруари годинава и согласност од Светската атлетика (СА) за промена на националноста, по што почна да настапува за Македонија на официјални натпревари.