Просечната исполнетост на стадионите била 96,1 отсто, а највисокото ниво е забележано на „Енфилд“, на мечевите на Ливерпул, 99,2 отсто

ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА

Бројката на посетеност на мечевите во Премиер-лигата ќе надмине 15 милиони гледачи во една сезона, за првпат од формирањето на Лигата во 1992 година. Прогнозираната конечна вкупна бројка од 15,03 милиони гледачи за сезоната 2021/2022 е поголема од 14,62-те милиони што присуствуваа на натпреварите во сезоната 2018/2019, последната пред пандемијата на ковид-19, која, пак, ја ограничи посетеноста на натпреварите на крајот од сезоната 2019/2020 и во целата наредна сезона 2020/2021, пишува „Би-би-си“.

Истражувањето за посетеноста на мечевите во Премиер-лигата го спроведе спортската маркетинг-агенција „Ту сирклс“. Нивните податоци покажуваат дека клубовите заработиле вкупно 821,6 милион фунти (969,5 милиони евра) од продадените билети и од други извори сезонава, што изнесува 2,2 милиони фунти (2,6 милиони евра) по домашен натпревар во Премиер-лигата. Просечната исполнетост на стадионите била 96,1 отсто, а највисокото ниво е забележано на „Енфилд“, на мечевите на Ливерпул, 99,2 отсто.

Сезонава се очекуваат рекордни бројки и покрај санкциите што го погодија Челси. Од март, само тие што поседуваат сезонски билети, гостинските навивачи, како и домашните што купиле билети за натпреварот пред воведувањето на санкциите, можеа да присуствуваат на натпреварите на Челси на „Стамфорд бриџ“. Просечната посетеност на последните пет домашни натпревари на Челси сезонава беше 32.200, а на преостанатите 39.900.