По 22 сезони, по 365 натпревари и седум титули, повеќе од кој било тим, и редица други рекорди, сѐ погласни се шпекулациите дека Брејди (44) нема повеќе да игра. Неговото име го има на повеќе места во книгата на рекорди на НФЛ, а повеќето од бројките во плејофот, на кои Брејди е многу горд, се речиси двојно подобри од најблискиот конкурент

НФЛ

Том Брејди (44) се повлекува од националната лига во американски фудбал (НФЛ) по 22 сезони, по 365 натпревари и седум титули, повеќе од кој било тим, пишуваат американските медиуми. Се очекува тоа официјално да го потврди и Брејди, кој меѓу многуте почести е трикратен најкорисен играч (МВП) на НФЛ, петкратен МВП на Супербоулот итн.
– Ги разбирам шпекулациите за иднината на Том. Не сакам да навлегувам во точноста или неточноста на она што е објавено, бидејќи Том е единствената личност што ќе ги објави своите планови со целосна точност и тоа треба да биде наскоро – изјави агентот на Брејди, Дон Ји.
Неговото име го има на повеќе места во книгата на рекорди на НФЛ. Тој е прворангиран според додавањата (во јарди) во регуларната сезона (84.520), обидите за додавања (11.317), успешни додавања (7.263) и поени, т.н. тачдауни (624). На тие бројки треба да им се додадат и извонредните постигнувања во плејофот, што го прави најуспешен според освоените титули, но и како додавач (квортербек, 35), во тачдаун-додавања (86), додавања во јарди (13.049) итн. Повеќето од тие бројки во плејофот, на кои Брејди е многу горд, се речиси двојно подобри од најблискиот конкурент.

Во добар дел од кариерата, Брејди мораше да им докажува на оние што се сомневаа во него дека грешат. Во средното училиште тој беше резерва во бруцошкиот тим. На Универзитетот во Мичиген тој пристигна како квортербек од седмата „категорија“. Неговото прво додавање на факултетот беше неуспешно, по што размислуваше за трансфер во втората сезона, во Ен Арбор. Наместо тоа, главниот тренер Лојд Кар го испровоцира Брејди да остане и да се натпреварува, велејќи му дека заминувањето ќе биде „нешто за што ќе жали до крајот на животот“. Брејди остана, но, сепак, мораше да се бори за поголема минутажа во последните две сезони со Дру Хенсон, талентиран локален играч, кој подоцна играше во НФЛ и во МЛБ. Брејди стана стартер во тимот во втората половина од последната година на универзитет. Затоа НФЛ-тимовите на драфтот во 2000 година не беа фокусирани на него, поради недостигот од физичка сила и лошите статистички показатели.

Њу Ингланд патриотс го избра како 199-ти избор на драфтот во 2000-та и покрај тоа што веќе имаа тројца квортербека во тимот. Но Брејди не се поколеба. Тој се справи со предизвиците како и претходно и сакаше да докаже дека секој тим што не го ангажирал погрешил. Кога првпат се запознал со сопственикот на Патриотс, Роберт Крафт, во тренинг-кампот, тој смело предвидел дека тој е „најдобрата одлука што ја донел неговиот клуб“. Во втората сезона, во 2001-та, тој го замени повредениот стартер Дру Бледсо и го одведе Њу Ингланд до првата титула, победувајќи го фаворизираниот Сент Луис Рамс. Во следните три сезони, Патриотите ќе освојат уште два супербоула со Брејди, кој во 2007 година постави рекорд во НФЛ со 50 тачдауни. Патриотите ја завршија регуларната сезона со резултат 16-0. Брејди и главниот тренер Бил Беличик создадоа победничка машина. Брејди стана најпознат според способноста да игра најдобро во најодлучувачките моменти од натпреварите. Во 2020 година, по две децении во Њу Ингланд и со Беличик, Брејди како слободен играч се пресели во Тампа Беј баканирс, на Флорида. Во првата сезона ја освои титулата (седма за него) и на најдобар можен начин им одговори на критичарите што сметаа дека тој е производ на Беличик.