ОДБОЈКА – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Натпреварот се игра во салата „Парк“ во Струмица, од 19 часот, а реваншот е идната недела на гостински терен
Македонскиот машки првак во одбојка, екипата на Струмица, денеска (19 часот) во салата „Парк“ во Струмица ќе биде пред голем предизвик, во првото коло во годинашнава Лига на шампионите (ЛШ) ќе игра со грчкиот шампион Олимпијакос. Реваншот е идниот вторник на гостински терен. Одбојкарите на Струмица, предводени од искусниот стратег Кирил Ричлиев, се во добра форма, ако се има предвид дека сино-белите на неодамнешните два пријателски натпревара забележаа две победи, со 3-1 на дуелот со српската екипа Дубочица, а со 3-2 со грчкиот претставник Пигасус полихнис.
Струмица е освојувач на 11 шампионски титули (1993, 2012, 2014, 2015, 2017, 2018, 2019, 2021, 2022, 2023 и 2024) и девет куп-титули на Македонија (2012, 2014, 2015, 2017, 2018, 2019, 2021, 2022 и 2023), како и на повеќе шампионски титули во младите категории. Клубот е и вистински расадник на македонски одбојкари и репрезентативци.
Олимпијакос двапати триумфирал во Купот на ЦЕВ, еднаш во Купот челенџ на ЦЕВ, а во домашните натпреварувања 17 пати во купот, шест пати во лига-купот, двапати во суперкупот и 32 пати во првенството. Г.И.