На десеттиот турнир „Карпош опен 2024“ настапија 168 шахисти, а победник е Данов, пред Дренчев, Динев, Стојановски, Станковиќ…

ПО ТРАДИЦИОНАЛНИОТ ТУРНИР ВО ЗАБРЗАН ШАХ „КАРПОШ ОПЕН 2024“

Бугаринот Љубомир Данов (2.385 рејтинг-поени во забрзан шах) победи на десеттиот по ред шаховски викенд-турнир во забрзан шах „Карпош опен 2024“, во Скопје, во организација на Општина Карпош и со техничка подршка на ШК „Гамбит Асеко СЕЕ“ и Шаховската федерација на Македонија (награден фонд од 94.000 денари). Настапија 168 учесници (16 помалку од лани, победи Никола Николовски), од нив тројца беа велемајстори (ВМ), пет интернационални мајстори (ИМ) и девет ФИДЕ-мајстори (ФМ), од пет шаховски федерации, Македонија (155), Германија (еден), Србија (три), Бугарија (четири) и Косово (пет).
Данов (рангиран петти пред турнирот) по девет кола освои 7,5 поени, колку што имаа и ВМ од Бугарија Петар Дренчев (2.339, рангиран осми) и ФМ од Македонија Дејан Динев (2.203, рангиран 13-ти), но според дополнителниот критериум, прв е Данов кому му припадна и паричната награда од 20.000 денари, втор е Дренчев (15.000), а трет Динев (10.000), кој патем освои и 17,8 нови рејтинг-поени. Четврти е поранешниот светски јуниорски првак во брз шах (1999 година), ИМ од Македонија Дејан Стојановски (2.491, рангиран прв), петти е ИМ од Србија Милош Станковиќ (2.491, рангиран трет), и двајцата со по седум поени, итн.
Најуспешна шахистка меѓу 13-те што играа е Драгана Николовска од Македонија (1.881, рангирана 39-та), која со 5,5 поени го освои 42-то место. Судија на турнирот беше македонскиот интернационалец Сашко Лакински.
– Среќни сме и како клуб и како Федерација што повторно со главниот покровител и спонзор Општина Карпош организиравме уште еден успешен турнир во „Александар палас“, кој во претходните 15 години стана препознатливо место каде што се игра, негува и развива шахот. Верувам дека Општина Карпош ќе продолжи и понатаму да финансира и вложува во шахот, како и досега. Презадоволни сме што имаше многу млади играчи, чие време доаѓа, и сѐ што работевме како Федерација во изминатиот период резултира со огромно подмладување на играчите. Партиите на турнирот беа борбени докрај, без брзи ремија, а победникот се одлучи во последното коло – вели Зоран Стојчевски, претставник на Гамбит асеко СЕЕ и член на УО на ШФМ.
Табела: Љубомир Данов, ВМ Петар Дренчев, ФМ Дејан Динев, сите со по 7,5 поени, ИМ Дејан Стојановски, ИМ Милош Станковиќ (Србија), Филип Михов, ИМ Атанас Кизов, ВМ Драгољуб Јаќимовиќ, ИМ Тони Лазов (сите од Македонија), ФМ Михајло Ѓокиќ (Србија), Методи Стоинев (Бугарија), сите со по седум поени, итн. Г.И.