Немавме зима, ама имаме во изобилство вируси и бактерии

Временските услови воопшто не наликуваат на она што беше времето некогаш. Пред повеќе од дваесетина години имавме баш убави зими со големи количества снег, оние што се сеќаваат добро знаат дека Скопје некогаш имаше снег до колена. Тогаш не „вирееја“ бактериите и вирусите како денес. Зимата успешно нѐ спасуваше од нив, замрзнувајќи ги и деактивирајќи ги. Денес, немаме таква помош од природата, бидејќи штетите што ги нанесуваме ни се враќаат како бумеранг. Речиси секоја зима имаме сѐ помалку снег изминативе години, а летото, пак, нѐ прегорува до максимум. Она што загрижува е фактот што климатолозите не даваат позитивни прогнози, односно велат дека ова ни е новата реалност. Температурата на земјата расте, а со тоа и проблемите како последица од затоплувањето

Неминовно е да се напомене дека променливото време што ни се случува изминатиов период крајно негативно влијае на здравјето на сите, не само на оние хронично болни и чувствителни лица. Од ваквото топло-ладно не патат само метереопатите, туку и сите други, почнувајќи од најмалите дечиња, па сѐ до највозрасните, но и оние што генерално се во здравствениот максимум, со мошне добар имунитет.
Она што денес го живееме е колективен пад на имунитетот кај населението. Нема некој што не е настинат или болен. Кашлица, секрет од нос, високи температури…. Еве, само малите деца барем еднаш месечно креваат температура, што од вируси што од бактерии. Моето опкружување е доказ дека тоа е навистина сериозна ситуација.
Вирусите како никогаш порано ги косат децата, упорни се, досадни и немилосрдни, предизвикувајќи високи температури што со никаков антипиретик не се симнуваат и кашлици за кои е неминовно да се користат кортикостероиди. Од друга страна имаме бактерии што не мируваат. Речиси секое второ дете има некаква бактерија во носот, за која е потребен антибиотски третман, а која исто така причинува високи температури, кашлици… Дополнително е загрижувачки фактот што тие бактерии се толку многу упорни, што и покрај нивната сензитивност на антибиотиците, не го намалуваат својот импакт врз здравствената состојба на малите.
Ништо подобра не е ситуацијата ниту кај возрасните. Денес сите се од нешто настинати, со затнати носеви и со кашлици.
Временските услови воопшто не наликуваат на она што беше времето некогаш. Пред повеќе од дваесетина години имавме баш убави зими со големи количества снег, оние што се сеќаваат добро знаат дека Скопје некогаш имаше снег до колена. Тогаш не „вирееја“ бактериите и вирусите како денес. Зимата успешно нѐ спасуваше од нив, замрзнувајќи ги и деактивирајќи ги. Денес, немаме таква помош од природата, бидејќи штетите што ги нанесуваме ни се враќаат како бумеранг. Речиси секоја зима имаме сѐ помалку снег изминативе години, а летото, пак, нѐ прегорува до максимум.
Она што загрижува е фактот што климатолозите не даваат позитивни прогнози, односно велат дека ова ни е новата реалност. Температурата на земјата расте, а со тоа и проблемите како последица од затоплувањето.

Времето во голема мера ни влијае на здравствената состојба.
Да не го споменувам загадениот воздух, за кој има докажани студии дека ги задржува вирусите доволно ниско за да можеме ние да ги вдишеме и да се заразиме, а, за жал, свесни сме дека изминатиот период земјава можеше да се „пофали“ со мошне високи места на табелата за земји со загаден воздух.
Променливото време, пак, што ни се случува деновиве дополнително влијае на здравствената состојба на граѓаните. Оние што патат од времето се справуваат со главоболки, вртоглавици и лошо расположение, а оние, пак, со хронични заболувања се справуваат со многу поголеми здравствени предизвици.
Па, како да си помогнеме при вакви временски незгоди и како да си го зачуваме здравјето?
Многу е важно да бидеме одговорни и така и да се однесуваме.
Важно е родителите да ги чуваат децата дома кога се болни, бидејќи кога скришум ги пуштаат во градинка им го загрозуваат здравјето на сите. Да не се лажеме, тоа е болната вистина кај нас. Да, свесни сме дека многу родители немаат кому да му ги остават децата на чување, но себичното однесување во такви ситуации од страна на родителите ги става во ризик сите други дечиња…
Маските секогаш се одлична опција за болните, но и за оние што сакаат да се заштитат од зараза. Па така, носењето заштитни маски во автобуси, маркети и други институции каде што фреквенцијата на луѓе е голема, секогаш е подобра опција отколку да не ги носите.
Важно е и да се вратиме малку на оние подзаборавени хигиенски навики, кога нѐ учеа дека миењето раце е најдобра заштита од разни заболувања.
Допрва ни доаѓа уште еден здравствен предизвик. Промената на часовникот, кога настапува летното сметање на времето. Тогаш, показалките на часовникот ќе ни „проголтаат“ еден час од сонот, што значи дека наместо два, ќе биде три часот. Тоа за нас значи еден час пократко спиење, што, пак, исто така негативно ни влијае на здравјето. Важно е уште сега да си го подготвиме организмот, за промената на часовникот да не ни дојде многу голем шок.
Секако, здравата храна, пиењето вода, пешачењето и вежбањето се препораки што секогаш се во мода бидејќи здравствените придобивки од нив се од непроценлива важност за сите, а со нивна помош полесно ќе можеме да се справиме со здравствените предизвици.

[email protected]