Фото: ЕПА

ШАХ – ТУРНИРИ НА КАНДИДАТИТЕ

Непомнијашчи и Тан сами во водство

Во возбудливото 11. коло на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак во Торонто (Канада) три од четирите партии завршија со победник. Русинот Јан Непомнијашчи (2.758 рејтинг-поени ) ја доби најдолгата партија на колото (67 потези), со црни фигури против Индиецот Гујрати Видит (2.727),и повторно сам го презеде водството. Единственото реми го потпишаа Фабијано Каруана (2.803) од САД и Домарају Гукеш (2.743) од Индија. Непомнијашчи со седум поени, а потоа се Гукеш и Накамура со по 6,5, Каруана со шест, Прагнанада со 5,5, Видит со пет, Фирузја со 4,5 и Абасов со три поени.
На Турнирот на кандидатките се чини дека ќе има трка за првото место помеѓу две шахистки, по трите одлучувачки резултати во ова коло. Кинезинката Жонги Тан (2.521) повторно е сама на врвот, откако ја победи Русинката Катерина Лагно (2.542). Тингџие Леи (2.550) од Кина има половина поен помалку, откако успеа да спаси половина поен против Украинката Ана Музичук (2.520). Првопласирана е Тан со 7,5 поени, а потоа следуваат Леи со седум, Лагно, Конеру и Горјачкина со по 5,5, Музичук и Ваишали со по 4,5 и Салимова со четири поени. Г.И.


ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Осмо меѓусебно полуфинале на Баерн и на Реал Мадрид

Борусија Дортмунд и Пари сен Жермен сезонава се сретнаа двапати, во групната фаза на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Во Париз беше 2-0 за Пари сен Жермен, а натпреварот во Дортмунд заврши со реми, 1-1. За Баерн и за Реал Мадрид ова ќе биде нивно осмо меѓусебно полуфинале, откако играа еден против друг и во 1976, 1987, 2000, 2001, 2012, 2014 и во 2018 година. Баерн и Реал Мадрид се сретнаа и во три четвртфиналиња, во 1988, 2002 и во 2017 година, во две осминафиналиња, во 2004 и во 2006 година, а во сезоната 1999/2000 и во групната фаза. Н.М.


Мбапе, Кејн, Родриго… во трка за прва „златна копачка“

Тројца фудбалери се издвоија во трката за освојување на „златната копачка“ во Лигата на шампионите (ЛШ), и тоа Килијан Мбапе од Пари сен Жермен со осум гола, Хари Кејн од Баерн со седум погодока и Родриго од Реал Мадрид со пет.
Од активните фудбалери во полуфиналето сезонава во игра се и фудбалерите на Реал Мадрид, Џуд Белнгем со четири гола и Винисиус Жуниор и Жоселу со по три погодока итн. Од годинашните кандидати никој досега не бил најдобар стрелец во една сезона на Лигата на шампионите. Кејн и Мбапе, пак, ја освојуваа и, на пример, „златната копачка“ на светските фудбалски првенства, во 2018, односно во 2022 година. Н.М.