Ентони Дејвис влезе во историјата на НБА
Ентони Дејвис постигна 27 поени со рекордни за сезоната 25 скока во историската вечер кога Лос Анџелес лејкерс ја победи Минесота со 120-109 во меч од кошаркарската НБА-лига. Дејвис додаде пет асистенции, седум украдени топки и три блокади и стана првиот кошаркар во историјата на НБА со најмалку 25 поени, 25 скока, пет асистенции, пет украдени топки и три блокади на еден натпревар, пишува „Би-би-си“. Тимскиот колега Леброн Џејмс постигна 29 поени.
– Само се обидуваме да продолжиме, да продолжиме да притискаме. Чувствуваме дека е тешко некој да нѐ победи во серија од седум натпревари. Ни се допаѓаат нашите шанси против кого било во тој момент – вели Дејвис.
ЛА лејкерс остана деветти во Западната конференција по двете победи по ред, а третопласираната Минесота загуби два меча во низа. Н.М.
ЏУДО – ДРЖАВНО ПРВЕНСТВО ЗА ДЕЦА И ЗА КАДЕТИ
Многу медали за прилепчани
Во Прилеп во неделата се одржаа државните првенства во џудо за деца и за кадети/ки, на кои три прилепски клуба освоија мноштво медали. Така, клубот Прилеп настапи со четири натпреварувачи, а Марија Марковска освои бронзен медал. Клубот Санкаку учествуваше со шест натпреварувачи, а освоени се пет медали, и тоа злато за Бисера Јовеска, сребро за Габриел Илиоски, а бронзи за Христијан Бунески, Андреа Митреска и за Ана-Марија Конеска.
Најмасовен прилепски клуб беше Сеишин со 21 натпреварувач, а освоени се 13 медали (по пет златни и бронзени и три сребрени). Во категоријата деца, злато освоија Елдина Пупаловиќ, Бисера Цветкоска и Владан Стрезоски. Вицепрваци станаа Сара Аџиоска и Нарин Ристемоска, а трет беше Димитар Магдески. Во кадетска конкуренција прваци на Македонија станаа Михаил Стојановски и Борис Џагадуроски, сребро освои Тамара Илиоска, а со бронзи се закитија Мартин Петкоски, Теодора Илиоска, Елеонора Илиоска и Теа Настоска. Г.И.
ФУДБАЛ
Денеска и утре ќе се комплетираат четвртфиналистите во ЛШ
Уште четири четвртфиналисти во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) ќе бидат одредени денеска и утре, по уште четири реванш-дуели од осминафиналето. Минатата недела пласман меѓу осумте најдобри тима сезонава обезбедија Манчестер сити, Баерн, Реал Мадрид и Пари сен Жермен. Денеска (од 21 часот) на програмата се дуелите Арсенал – Порто (прв меч 0-1) и Барселона – Наполи (1-1). Арсенал игра за прв пласман во четврт-финале по 15 години, дуелот помеѓу Барселона и Наполи ќе биде и нова приказна за двајца ѕвездени напаѓачи (во првиот меч Роберт Левандовски ја донесе Барселона во водство со својот 93-ти гол во Лигата на шампионите, а Виктор Осимен го израмни резултатот), пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница… Утре играат Атлетико Мадрид – Интер (0-1) и Борусија Дортмунд – ПСВ Ајндховен (1-1). Н.М.