РАКОМЕТ

Кадетите и младинците ги добија ривалите на годинашните европски првенства

Кадетската селекција на Македонија за ракометари до 18 години ќе игра во групата Б на претстојното Европско првенство (ЕП) во Подгорица (Црна Гора) во август, против Германија, Франција и Полска, селекции со ракометна традиција меѓу 24-те што ќе настапат на ЕП, реши ждрепката влечена во седиштето на Европската ракометна федерација (ЕХФ), Виена (Австрија). Младинската репрезентација на Македонија (до 20 години), пак, е во групата А и ќе игра со Австрија, Хрватска и со Црна Гора на ЕП што во Целје (Словенија), во јули. На двата шампионата ќе играат вкупно по 24 селекции. Пред ждрепката двете македонски селекции беа сместени во четвртиот барабан. На двете европски првенства првопласираните селекции во шесте групи ќе играат во главната фаза, како и уште две второпласирани репрезентации. Г.И.


ФУДБАЛ
Флуминенсе го освои Суперкупот на Јужна Америка

Двата гола на Колумбиецот Џон Аријас му ја донесоа првата титула на бразилскиот Флуминенсе во јужноамериканскиот фудбалски Суперкуп. Првакот на Јужна Америка, Флуминенсе, победи со 2-0 на дуелот одигран на стадионот „Маракана“ во Рио де Жанеиро со еквадорската екипа Лига де Кито, која победи дома во првиот натпревар од Суперкупот, со 1-0, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Аријас го постигна првиот гол во 76. минута, а потоа погоди и во 90. минута со удар од белата точка. Суперкупот на Јужна Америка се игра помеѓу победникот на Копа Либертадорес и шампионот на Копа Судамерикана.
Претходно, Лига де Кито победи во две финалиња против бразилскиот тим, и тоа во Копа Либертадорес во 2008 година и следната година во Копа Судамерикана, пишува АП.
Бразилецот Марсело, кој со шпанскиот фудбалски клуб Реал Мадрид пет пати беше шампион на Европа, стигна до својата 31. титула во кариерата. Н.М.


ФУДБАЛ

Дебитант и два поранешни прваци се во четврт-финалето на младинската лига на УЕФА

Милан, Баерн, Нант, дебитантот Мајнц, поранешните победници Реал Мадрид и Порто (кој во осминафиналето го победи актуелниот првак АЗ Алкмар), Копенхаген и Олимпијакос, се пласираа во четврт-финалето сезонава на младинската лига на Европската фудбалска унија (УЕФА), пишува УЕФА на својата интернет-страница. Мечевите од четврт-финалето треба да се играат во март, а двојките се Мајнц – Порто, Нант – Копенхаген, Баерн – Олимпијакос и Милан – Реал Мадрид. Предвидено е да се игра по еден натпревар во нокаут-фазата на младинската лига на УЕФА, а во полуфиналињата во април меѓу себе ќе играат победниците на дуелите Баерн – Олимпијакос и Нант – Копенхаген, односно победниците на средбите Мајнц – Порто и Милан – Реал Мадрид. Н.М.