Продолжува шаховската обука во училиштата

Во организација на шаховскиот клуб Прилапон и Леонид Грашкоски, неодамна се одржа обука за наставниците од основните училишта од Прилеп, кои сакаат да почнат со одржување на часот по шах, во рамките на проектот „Шах во училиштата“.
Во присуство на дваесетина наставници од шест прилепски основни училишта, обуката ја одржа членот на Управниот одбор (УО) на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Зоран Стојчевски. Од името на ШФМ, потпретседателот Агим Шемсиу им додели шаховски гарнитури на наставниците, за поуспешно имплементирања на овој проект на ШФМ.
– Во минатата недела одржавме обука во Чучер Сандево, а в четврток планираме да одржиме шаховска настава и во Македонска Каменица. Имавме час по шах и во училиштето „Вера Циривири-Трена“ во скопски Карпош, а за денеска е планирана посета и во училиштето „Александар Македонски“ во скопски Аеродром – велат од ШФМ. Г.И.


Од утре во Бахреин
тестирање на болидите пред рекордната сезона во Формула 1

По две недели во кои тимовите ги открија новите болиди за годинава, Формула 1 утре во Бахреин ги почнува претсезонските тестирања во пресрет на првата трка за 2024 година. Имаше многу начини на кои 10-те тима ги открија своите болиди за 2024 година, почнувајќи од дигитални лансирања до блескави настани во Лондон и во Лас Вегас, пишува „Скај спорт“.
Осумдесет и седум дена по завршувањето на сезоната 2023 во Абу Даби, Формула 1 се враќа на сцената за новата сезона на меѓународната патека во Бахреин, каде што на 2 март ќе се одржи првата трка годинава, пишува „Скај спорт“.
Сезонава во Формула 1 ќе има рекорден број трки, 24. Вкупно 21 земја на пет континенти се вклучени во распоредот, а и сезонава се предвидени и шест спринта (на трките во Кина, Мајами, Остин, Катар, Австрија и во Бразил), пишува Формула 1.
Проширувањето на календарот предизвикано од постојано зголемување на популарноста на спортот доведе до тоа во текот на сезоната да има трки во два викенда по ред (во мај, јули, август, септември), а во некои случаи и три (во јуни-јули, октомври-ноември и ноември-декември), пишува Формула 1. Н.М.


КОШАРКА – НБА

Олстар-меч со многу рекорди

Во Индијанополис во 73-от олстар-натпревар во НБА, помеѓу Истокот и Западот, покрај спектакуларните проигрувања и постигнати кошеви, поставени се неколку рекорди. Истокот, предводен од Демијан Лилард, славеше со 211-186. Тоа е убедливо најефикасниот олстар-меч одигран досега, со постигнати 397 поени (претходниот рекорд беше 374 коша во 2017 година).
Истокот постигна и најмногу поени во историјата (211), односно надминат е лимитот од 200 поени (претходно рекордот беше во сопственост на Западот со 196 поени во 2016 година). Видени беа и најмногу тројки од една екипа, 42 (досегашниот рекорд беше од 2019 година, 35 тројки), од тимот на Истокот, а имаше и рекорд за вкупен број упатени удари за три поени од двете екипи (68).
Бекот на Милвоки, Лилард (постигна 39 поена), го доби признанието „Коби Брајант“ за најдобар играч на овој натпревар, а најефикасен играч на дуелот беше од Западот, Карл Ентони Таунс од Минесота, со 50 поени, за 28 минути игра. На Истокот по Лилард најефикасни беа Браун (36) и Халибартон (32), а на Западот по Таунс, следуваа Шеј Гилџес-Александер (31) и Кевин Дурант (18). Г.И.


КОШАРКА – НБА

Силвер вели дека правилото за 65 меча за награди доведе до тоа играчите да играат повеќе

Адам Силвер, комесарот на кошаркарската НБА-лига, на својата годишна прес-конференција за време на олстар-викендот, изјави дека верува оти правилата на лигата, кои наложуваат играчите генерално да играат на најмалку 65 натпревари за да се квалификуваат за сезонските награди, го имаа предвидениот ефект, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Можам да ви кажам дека бројот на натпревари во кои играчите учествуваа е зголемен сезонава. И повредите, всушност, се намалени – рече Силвер.
Веќе има одредено влијание. Центарот на Филаделфија, Џоел Ембиид, нема да освои втора последователна награда за МВП, а неговото двегодишно владеење како најдобар стрелец во лигата исто така ќе заврши, бидејќи нема да игра доволно натпревари за да се квалификува, Џими Батлер од Мајами веќе пропушти премногу натпревари за да биде кандидат за награди…, пишува АП.
Правилото од 65 натпревари, кое беше колективно договорено со Здружението на играчи во НБА, стапи во сила сезонава и одредува дали играчите ги исполнуваат условите за работи како што се наградата најкорисен играч (МВП), тим на сезоната во НБА, одбранбен играч на годината, најдобар одбранбен тим или најподобрен играч.
Силвер рече дека лигата, како што прави со повеќето нови правила, ќе го разгледа по истекот на една година. Н.М.