ФУДБАЛ – ЗАВРШНА РАНГ-ЛИСТА НА ФИФА ЗА ГОДИНАВА

Македонија 65-та, Аргентина на врвот, Панама има најголем
напредок

Само 11 меѓународни натпревари се одиграни (девет меча на Пацифичките игри и две пријателски средби) откако беше објавена ноемвриската ранг-листа на Светската фудбалска федерација (ФИФА), по што нема многу промени во декемвриското издание на поредокот, пишува ФИФА. Фудбалската репрезентација на Македонија и на декемвриската листа е на 65-то место, а една година откако ја освои титулата на Светското првенство, селекцијата на Аргентина и понатаму е на врвот на светот. Франција ја завршува годината на второто, Англија на третото место, а има мали измени во пласманот на врвните 15 репрезентации, па, така, Колумбија сега е на 14-то место, а Мексико на 15-то, пишува ФИФА.
Иако рангирањето на Панама останува непроменето месецов (41.), таа репрезентација го доби признанието за селекција со најголем скок во 2023 година, откако се искачи за 20 места во текот на годината, а следни со најголем напредок во споредба со 2022 година се репрезентациите на Молдавија (155-та, напредок за 19 места) и на Малезија (130-та, 15 места), објави Светската фудбалска федерација.
Пласман на првите десет репрезентации на листата за декември: Аргентина, Франција, Англија, Белгија, Бразил, Холандија, Португалија, Шпанија, Италија и Хрватска. Следната ранг-листа ФИФА треба да ја објави на 15 февруари в година. Н.М.


КОШАРКА – НБА

Ембид е во трка по рекорд стар 51 година

Џоел Ембид постигна рекордни за сезонава 51 поен и оствари 12 скока во победата на Филаделфија на дуелот со Минесота со 127-113, во кошаркарската НБА-лига, со што тој стана првиот НБА-играч што постигнал повеќе од 30 поени и 10 скока во 12 последователни натпревари по Карим Абдул-Џабар пред 51 година, пишува „Би-би-си“. Рекордот на Абдул-Џабар изнесува 16 натпревари за Милвоки во 1972 година.
Актуелниот најкорисен кошаркар (МВП) во НБА, Ембид, му помогна на тимот да ја постигне седмата победа во претходните осум натпревари. Тоа беше и првиот пораз во претходните пет натпревари на лидерот во Западната конференција, Минесота.
Ембид, најдобриот стрелец во НБА, со просек од 34,4 поени по натпревар, исто така стана првиот кошаркар на Филаделфија по Вилт Чембрлен во 1967 година кој постигнал повеќе од 40 поени и 10 скока во три последователни меча, пишува „Би-би-си“.
Од другите натпревари, Бостон сега има 21 победа и шест порази и е на врвот во Источната конференција по победата на дуелот со Сакраменто со 144-119. Н.М.