Каде се трошат средствата на пензионерите од членарината

Денеска го презентираме третиот текст на претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија (СЗПМ), Станка Трајкова, во кој таа прави опширна анализа на уште едно актуелно прашање што особено ги интересира пензионерите: Каде се трошат средствата на пензионерите од членарината? Имајќи ја предвид актуелната ситуација во која се проблематизираат некои од прашањата што се однесуваат на пензионерите и нивното организирање, односно нивниот дијалог со државните органи за решавање на отворените прашања, го објавуваме и овој текст за да расветлиме што повеќе аспекти од овој исклучително важен сегмент на нашето живеење.

Членарината е изворен приход на средства со кои се обезбедува финансирање на здруженијата на пензионери и на Сојузот како граѓански, невладини и непартиски организации, кои за остварување на својата дејност не користат буџетски средства.
Во Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија (СЗПМ) членуваат 53 здруженија. Постојат и уште три други сојузи, но јас ќе се осврнам на работењето на здруженијата членки на СЗПМ.
Со здружување во Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија, здруженијата не ги губат својството на правно лице и својата автономија, туку продолжуваат да дејствуваат со заемно почитување и спроведување на својот статут и на статутот на Сојузот. Овие граѓански организации имаат долга историја бидејќи егзистираат повеќе години.
Во согласност со Законот за пензиското и инвалидското осигурување на секој пензионер при поднесувањето барање за пензија на доброволна основа со негова согласност му се издвојува дел од пензијата за солидарен фонд (посмртна помош и членарина), средства што се чуваат на посебна потсметка во Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, во рамките на трезорската сметка. Делот од средствата на име посмртна помош издвоен со согласност од самите пензионери во моментот изнесува 140 денари. Колкав ќе биде износот што се издвојува зависи од акумулираните средства и смртноста на пензионерите. Од тие средства од страна на Фондот се сервисира односно му се исплатува испратнина од 30.000 денари на семејството на починатиот пензионер. За членување на пензионерот во здружение, исто така на доброволна основа, се издвојуваат 30 денари, кои СЗПМ ги води на посебна сметка и постапува врз основа на акти на одборот на Регистрираната организација. Од тие средства, на сметките на 53-те здруженија на пензионери секој месец се префрлуваат по 27,50 денари според бројот на нивните членови, а 2,50 денари се издвојуваат за заедничките активности во Сојузот.
Основните прашања и односи во врска со финансиските средства на здруженијата и Сојузот се статутарни прашања уредени со нивните статути. Со оглед на фактот дека финансиското работење и активностите се динамичен процес, со одлука на Сојузот се утврдени единствени критериуми за материјално-финансиското работење на здруженијата на пензионери и СЗПМ, односно утврдена е општа правна рамка за користењето на средствата од членарината. Имено, во согласност со споменатата одлука, здруженијата и Сојузот како изворни приходи за финансирање на својата дејност главно го користат издвоениот дел од членарината. Тие финансиски средства здруженијата и Сојузот ги користат за остварување на своите цели и задачи утврдени со статутите и нивните програми за работа. Со оваа одлука се регулира дека и здруженијата и Сојузот се должни да управуваат и да работат со внимание и во согласност со начелата на добро управување, во интерес на здруженијата и Сојузот, а над личните интереси.

Со оглед на тоа дека во јавноста се наметна прашањето за кои намени се трошат средствата од членарината, во согласност со наведената одлука и статутите на здруженијата средствата се користат за социјално-хуманитарни (за пензионерите со ниски примања), солидарни, културни, спортски и други активности. Само некои од тие активности се: давање парична помош; социјални пакети или ваучери за набавка на одредени прехранбени артикли; помош за здравствени потреби (набавка на лекови, за бањско лекување, за набавка на ортопедски помагала, хируршки интервенции и сл.), помош за набавка на огревно дрво; покривање дел на штети предизвикани од елементарни незгоди и несреќи и слично; колективен превоз во јавниот сообраќај; рекреативни патувања; одржување и реновирање на пензионерските домови, билети за групна посета на културни манифестации, отворање пензионерски клубови и нивно одржување и слично.
За овие категории на активности, секое здружение одвојува износ од најмалку 25 отсто од планираните расходи за тековната година. Позицијата социјални, солидарни и други намени за помош на членството во парична или материјална форма, здружението ја утврдува со финансиски план и со свои акти во согласност со оваа одлука. Исто така ги уредува критериумите и органот што одлучува за доделување помош (извршен одбор, комисија и сл.).
Што се однесува на надоместоците за избраните лица, тие со одлуката се утврдени со дикција „до“, започнувајќи од 2.000 денари, а највисокиот износ изнесува до 15.000 денари, земајќи го како критериум бројот на пензионерите членови на здружението. Несомнено е дека самата висина на овие надоместоци говори дека најголем дел од активностите е на волонтерска основа.
Значајно е да се напомене дека Сојузот со материјална поддршка учествува и во заедничките проекти, како што е финансиска поддршка на издавачката дејност и творештвото на членството, проекти за здраво стареење, инклузија на возрасните во сите сфери на животот и на сите нивоа, збогатување и проширување на постојниот обем на волонтерство, подготвување социјална карта на пензионерите, која, за жал, не е во целост имплементирана, помош на помалите здруженија за нивните активности, меѓународна соработка и друго.
Но, здруженијата и Сојузот имаат и свои традиционални активности, како што се спортските натпревари и фолклорните ревии што се одржуваат на регионално и републичко ниво, а за нив се потребни средства што мора да ги имаме. Тоа се активности што на пензионерот му обезбедуваат активно и здраво стареење.
Исто така, Сојузот секој месец го издава бесплатниот весник „Пензионер плус“, кој се следи во земјата и во странство, обезбедувајќи интеракција меѓу здруженијата на пензионери и Сојузот, меѓу самите ЗП, за чие излегување се потребни средства. Кога беше пандемијата, весникот одигра голема улога за поврзаност меѓу ЗП и СЗПМ и помогна да се надминат депресијата и осаменоста, со која најмногу беше погодена оваа целна група.

Во оваа пригода уште еднаш ќе истакнам дека одлуките за користење на средствата ги донесуваат органите на здружението, а финансиските средства се употребуваат за остварување на целите и задачите на здружението преточени во програми за работа и средства обезбедени со финансиски план.
Увид во материјално-финансиската документација односно контрола над примената на прописите од материјално-финансиското работење врши надзорниот одбор и со наодот ги информира собранието и извршниот одбор. За законско и правилно трошење на средствата здруженијата одговараат и пред другите надлежни органи и правни субјекти, а годишната сметка ја објавуваат во локалните медиуми или на веб-страницата на СЗПМ. Некои „загрижени“ чинители истакнуваат дека некои ЗП имале заштедени средства на своите сметки, но притоа не ја имаат предвид околноста дека здруженијата за која било активност да ја преземат сами обезбедуваат средства, бидејќи ним како граѓански организации не им се одобруваат банкарски кредити, затоа што нивните членови се возрасни лица што се дискриминирани од банките!
Некои од оние пензионери што прашуваат каде и како се трошат средствата од членарината, до скоро беа вклучени во активности на здруженијата и на Сојузот и точно знаат и каде и за што се трошат, дури и пишувале многу афирмативно, но сега од причини што им се познати само ним зборуваат и пишуваат обратно. Некои од оние што прашуваат спаѓаат во тип на луѓе што во сѐ бараат нешто негативно, сензација или се прават умни со своите предлози, а не со свој личен пример. Се разбира дека во работата на здруженијата и Сојузот не е сѐ идеално, но сепак постоењето на СЗПМ и на здруженијата цели 77 години е потврда дека оваа асоцијација ги штити правата и интересите на пензионерите трудејќи се да го задржи својот граѓански идентитет и да биде тампон меѓу власта и граѓанинот.
На крајот, заслужува да се истакне дека за пензионерите се грижат и некои општини, Црвениот крст и други институции и компании, но факт е дека здруженијата на пензионери во минатото и сега најмногу се потпираат сами на себе.
Здруженијата на пензионери и Сојузот и овој пат покажуваат дека вратата за членовите пензионери е секогаш отворена и којзнае по кој пат здруженијата на пензионери и Сојузот покажуваат дека се на висина на задачата и дека средствата што ги издвојуваат членовите се користат според „ОД НИВ ЗА НИВ“ и сега и во иднина за активностите што сме ги испланирале.

Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија