Фото: Приватна архива

Триумф на Андоновски на првиот ветерански турнир во брз шах „Еснаф 2025“

ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Љубиша Андоновски (рејтинг 2.028, рангиран прв пред почетокот на турнирот) победи на првиот ветерански турнир во брз шах „Еснаф 2025“, кој во одлична организација на ШКВ Скопје 72 се одржа во Скопје.

Во конкуренција на 24 шаховски ветерани (пет ФМ), не помлади од 60 години, по десет борбени и неизвесни кола, според швајцарски систем (време за размислување пет минути, плус три секунди по секој потег), Андоновски освои вкупно осум поени (седум победи, две ремија и еден пораз), доволни за првата позиција.

Втор низ целта помина ФМ Александар Кралевски (2.120, рангиран петти) со 7,5 поени, а трет е ФМ Јани Богоевски (2.179, рангиран трет) со седум поени, колку што имаше и четвртопласираниот Ацо Атанасов (2.012), но послаб дополнителен критериум. Судија на турнирот беше Јовица Николовски, негов помошник Љубомир Хаџи-Манев, а директор Александар Сидоровски. Г.И.


ШАХ – ФИДЕ

Шангај и Чонгкинг ќе бидат домаќини на мечот за светска првенка

Мечевите од Светското првенство се врвот на шахот, а годинава ќе бидеме сведоци на Светското првенство во шах за жени, на кое се очекува реванш-дуел помеѓу две врвни велемајсторки од Кина, актуелната светска шампионка Ју Венјун и предизвикувачката Тан Жонгји, од 1 до 23 април, во два кинески града, Шангај и Чонгкинг, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ).

Вкупно ќе се играат 12 меча, а првата шахистка што ќе освои 6,5 поени ќе биде прогласена за победничка. Контролата на времето за секој натпревар е 90 минути за првите 40 потези, проследени со 30 минути за остатокот од мечот, со зголемување од 30 секунди по секој потег, почнувајќи од првиот.

Доколку натпреварот биде израмнет на 6-6 по сите 12 меча, т.н. тајбрејк ќе ја одреди шампионката. Процедурата за тајбрејк обично вклучува серија мечеви во забрзан шах, а ако е потребно, потоа и во брз шах, пишува ФИДЕ. Н.М.


ТЕНИС

Алкараз ја освои првата титула годинава и прва во сала

Карлос Алкараз имаше одлично деби на турнирот од серијата 500 во Ротердам (Холандија), освојувајќи ја првата титула во сала, информира Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). Првиот носител на турнирот во финалето го победи Алекс де Минаур со 6-4, 3-6, 6-2 и стана првиот шпански шампион во 52-годишната историја на турнирот. Тој го подобри и својот ефект во турнирските финалиња на 17-5.
Алкараз во минатата година стана првиот тенисер што освоил титули на турнири АТП 500 на земјена подлога, на трева и на тврда подлога, сега го додаде и првиот триумф во затворен простор во своето резиме, а триумфот на четирикратниот гранслем-победник е негов прв трофеј откако го победи ривалот Јаник Синер во финалето во турнирот во Пекинг, во октомври лани, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци. Н.М.