КУГЛАЊЕ
Висок пласман на Алексовска на ЕП до 23 години

Македонската кугларка Стефанија Алексовска не се пласира во четврт-финалето на Европското првенство (ЕП) до 23 години, кое се одржува заедно со сениорското ЕП, во Апатин (Србија). По петтото место во квалификациите од вкупно 32 кугларки, Алексовска во осминафиналето се сретна со претставничката на Словенија, Аурора Пекосак. Во директниот меѓусебен дуел, петти по ред на денот, Алексовска во неизвесен меч загуби за само 11 соборени кегли (531-542), откако по сетови резултатот беше нерешен, 2-2.
Дисциплината спринт (10 плус 10 фрлања) кај јуниорите беше предвидена за синоќа, требаше да настапи Владимир Талевски, а денеска ќе куглаат јуниорките. Македонија на ова ЕП настапува во подмладен состав со седум натпреварувачи, Никола Андоновски, Александар Младеновски, Драгана Гаврилова и Мирјана Младеновска во сениорска конкуренција, а Владимир Талевски, Стефанија Алексовска и Емилија Илијевска во јуниорска конкуренција, предводени од тренерот и претседател на Кугларската федерација на Македонија (КФМ), Игор Михајловски. Г.И.


АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО

Злато за Вениер, а Ли одново дели бронза во супервелеслалом

Австријката Штефани Вениер го освои златниот медал во супервелеслалом на Светското првенство (СП) во алпско скијање, откако беше најбрза вчера на патеката во Залбах (Австрија). За неа тоа е втор медал од светските шампионати, откако освои сребро во 2017 година, во спуст, во Сент Мориц (Швајцарија).
Федерика Брињоне од Италија беше на второто место со 10 стотинки побавно време, а бронзата ја освоија Американката Лорен Масуга и Кајса Викхоф Ли од Норвешка, кои имаа по 24 стотинки послабо време од победничката. Лие вторпат дели бронзен медал, откако истото тоа се случи, исто така, во супервелеслалом, на минатото Светско првенство, кое се одржа во 2023 година, во Куршевел (Франција), тогаш со Корнелија Хитер од Австрија. Брињоне, пак, сега има вкупно четири медали, откако претходно освои злато во комбинација на СП 2023 и сребра во велеслалом на СП 2011 и на СП 2023.
По две трки на годинашниот Мундијал (претходно се одржа трка во паралелвелеслалом за мешани тимови), Италија води на табелата со медали со по еден златен и сребрен медал. Денеска на програмата е супервелеслаломот за мажи. Н.М.


ФУДБАЛ

Премиер-лигата најави дека може да има казни за одредни прослави на голови

Англиската Премиер-лига ќе ги следи прославите на головите на фудбалерите и може да размисли за воведување санкции доколку смета дека тие го нарушуваат угледот на играта или може да ги разгорат гледачите или играчите на противникот, пишува „Скај спорт“.
– Мислам дека сите сакаме да гледаме прослави. Некои од прославите беа многу смешни, забавни, но има една линија. Кога ќе се помине во потсмев или критика, ќе треба да се справиме со тоа – рече Тони Сколс, фудбалскиот директор на Премиер-лигата, пренесе „Скај спорт“. Н.М.


ФУДБАЛ

Во фокус е јазот помеѓу Премиер-лигата и дивизијата Чемпионшип

Тони Сколс, фудбалскиот директор на англиската фудбалска Премиер-лига, рече дека е загрижен што јазот помеѓу дивизијата Чемпионшип и Премиер-лигата го отежнува натпреварувањето на промовираните тимови, пишува „Скај спорт“.
Во минатата сезона, првпат по 26 години, сите три промовирани клуба испаднаа еден ранг подолу. Како што стојат работите сезонава, трите промовирани клуба, Саутемптон, Ипсвич и Лестер, сега ги заземаат трите места за испаѓање од Премиер-лигата.
Згора, бројот на бодови што се потребни за опстанок во највисоката англиска фудбалска дивизија е намален во претходните неколку години. Лани Нотингем Форест опстана со вкупно 32 бода, во претходната сезона Евертон остана во Премиер-лигата со освоени 36 поени, а во 2022 година Лидс со 38 бода.
– Тоа е значајна работа. Внимателно го следиме тоа. Квалитетот на оваа лига е едноставно неверојатен. На клубовите што доаѓаат од Чемпионшип во оваа лига им е неверојатно тешко. Го гледаме тоа. Но не, не би било добро за лигата ако од година на година се враќаат назад трите тима што доаѓаат – рече Сколс. Н.М.