Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

Манчестер сити и Интер се најзастапени на ЕП 2024

Манчестер сити (Англија) и Интер (Италија) се клубовите со најмногу репрезентативци на годинашното Европско првенство (ЕП) во фудбал, двата со по 13. По еден фудбалер помалку ќе има од Пари сен Жермен (Франција), Барселона и од Реал Мадрид (двата од Шпанија), вкупно по 11 се членови на Баерн и на Лајпциг (двата од Германија), по 10 фудбалери се од Арсенал (Англија) и од Баер (Германија)… Според информациите, на годинашниот континентален собир ќе има фудбалери од вкупно 218 клуба, од нив 103 со по еден репрезентативец. Н.М.


ФУДБАЛ

Италија има најмногу претставници меѓу селекторите на ЕП 2024

Италија ќе има најмногу селектори на фудбалското Европско првенство (ЕП) во Германија, вкупно петмина, и тоа Лучијано Спалети на Италија, Франческо Калцона на Словачка, Винченцо Монтела на Турција, Доменико Тедеско на Белгија и Марко Роси на Унгарија. По двајца кормилари ќе има од Германија, Франција и од Шпанија, а по еден од Бразил, Хрватска, Чешка, Данска, Англија, Холандија, Полска, Романија, Шкотска, Србија, Словенија, Швајцарија и од Украина. Н.М.


КОШАРКА – ЗА ЛОИ 2024

Во составот на Србија има петмина кошаркари од НБА

Селекторот на кошаркарската репрезентација на Србија, Светислав Пешиќ, го објави списокот со 16 играчи на кои смета за претстојните Летни олимписки игри (ЛОИ) во Париз. Во Париз ќе патува и трикратниот носител на признанието најкорисен играч (МВП) во НБА-лигата (во 2021, 2022 и во 2024 година), центарот Никола Јокиќ. Во составот има уште четворица кошаркари што настапуваат во НБА. Србија на ЛОИ 2024 е во групата Ц, во која се и првиот фаворит, репрезентацијата на САД, потоа Јужен Судан и една селекција од квалификациите. Г.И.