Шампионатот во Формула 1 викендов продолжува во Монтреал, со осмата трка во календарот, за големата награда (ГН) на Канада, во Монтреал, на патеката „Жил Вилнев“. Првиот тренинг беше на програмата вчера, за денеска се предвидени уште еден тренинг и квалификациите, а трката е утре (од 20 часот).
Првото гран-при на таа патека е одржано во 1967 година (мотоспорт), патеката е долга 4,361 км, рекорден круг извозе Валтери Ботас во 2019 година (1:13,078 минута), најмногу пол-позиции (старт на трката од првото место на патеката) имаат Михаел Шумахер и Луис Хамилтон, по шест, а двајцата имаат и најмногу победи, по седум (Хамилтон победи на четири од претходните шест трки во Канада).
Канада беше домаќин на една од најнезаборавните Ф1-трки што некогаш биле одржани, која траеше неверојатни четири часа, четири минути и 39 секунди, со што таа трка во 2011 година стана најдолга во историјата на спортот, пишува Формула 1 на својата интернет-страница.
За време на таа трка имаше обилни врнежи од дожд, повеќе периоди на безбедносно возило од кога било досега, безброј лизгања, судири, одложување, потоа промена на временските услови и битка за победата, која беше драматично решена во последниот круг (победи Џенсон Батон), пишува Ф1.
По седум трки сезонава води Макс Ферстапен со 170 бода, пред Серхио Перез со 117, Фернандо Алонсо со 99, Луис Хамилтон со 87, Џорџ Расел со 65, итн. Кај тимовите, прв е Ред бул со 287 поени, а потоа се Мерцедес со 152, Астон Мартин со 134, Ферари со 100, Алпине со 40 итн.