ФИНАНСИСКИ ИЗВЕШТАЈ НА „ДЕЛОИТ“ ЗА СЕЗОНАТА 2021/2022

Главните бројки покажуваат дека европскиот фудбал цврсто излезе од својот најпредизвикувачки период досега. По укинувањето на ограничувањата против ковид-19, побарувачката на публиката доведе до рекордни приходи на натпреварите и комерцијалните приходи низ Европа, рече Тим Бриџ, водечки партнер во „Спорт бизнис груп“ на „Делоит“

Премиер-лигата се етаблира како лидер на европскиот фудбалски пазар во сезоната 2021/2022, покажа годишниот финансиски извештај на „Делоит“, пишува „Би-би-си“. Вкупниот приход на англиските премиерлигаши од 5,5 милијарди фунти во сезоната 2021/2022 е речиси двојно поголем од оној на шпанската Ла лига. Враќањето на гледачите на стадионите по пандемијата на ковид-19 помогна да се зголемат приходите за 10 отсто низ цела Европа. Сепак, зголемувањето на трошоците за плати од 15 проценти во најсилните пет домашни лиги во Европа (Англија, Шпанија, Франција, Германија и Италија) предизвика загуба во оперативната добивка, пишува „Би-би-си“.
– Главните бројки покажуваат дека европскиот фудбал цврсто излезе од својот најпредизвикувачки период досега. По укинувањето на ограничувањата против ковид-19, побарувачката на публиката доведе до рекордни приходи на натпреварите и комерцијалните приходи низ Европа – рече Тим Бриџ, водечки партнер во „Спорт бизнис груп“ на „Делоит“.

Најдобрите клубови во Англија пријавија пораст од 12 отсто во вкупните приходи во текот на сезоната 2021/2022 до рекорден вкупен приход од 6,4 милијарди евра (5,5 милијарди фунти). Приходите од натпреварите во Премиер-лигата изнесуваат вкупно 763 милиони фунти, зголемување од 732 милиони фунти во однос на сезоната 2020/2021, кога фудбалот се играше, во најголем дел, зад затворени врати. По целосното повторно отворање на фудбалските стадиони во август 2021 година, просечната посетеност достигна историски максимум од 39.950 во текот на сезоната, што помогна да се надминат нивоата на приходи од пред пандемијата од 684 милиони фунти од сезоната 2018/2019.

„Делоит“ смета дека комерцијалните приходи на Премиер-лигата, кои достигнаа ново високо ниво од 1,7 милијарда фунти, се поради обновениот апетит на гледачите за фудбал по пандемијата, пишува „Би-би-си“. И покрај тоа што седум клуба од Премиер-лигата пријавија намалување на платите, вкупните трошоци за плати, кои ги покриваат играчите и другите членови на клубот, се зголемија за шест отсто, на 192 милиони фунти, зголемувајќи се втора година по ред. Зголемувањата на платите остануваат надминати од растот на приходите, но со порастот на оперативните трошоци од 395 милиони фунти, оперативниот профит на клубовите, кој ги исклучува средствата за трансфер на играчи, во сезоната 2021/2022 беше намален за еден милион фунти од претходната година, на 459 милиони фунти.

Во приходите на Ла лига има зголемување од 11 отсто, на 3,3 милијарди евра во сезоната 2021/2022. Шпанските клубови од највисокото ниво генерираа 409 милиони евра приход на денот на натпреварот, што е зголемување од 353 милиони евра од сезоната 2019/2020. Во германската Бундес-лига во средината на сезоната мерките против ковид беа повторно воведени на одреден период, но приходот на лигата се зголеми за пет отсто, за да достигнат 3,1 милијарди евра. Во меѓувреме, клубовите од Лига 1 во Франција доживеаја најголем процентуален раст на вкупните приходи, пораст од 26 отсто, од 412 милиони евра на рекордно високо ниво од две милијарди евра, пишува „Би-би-си“.