ТЕНИС – АВСТРАЛИЈА ОПЕН
Јаник Синер (Италија) ја освои својата прва гранслем-титула, по победата вчера во финалето на годинашниот тениски гранслем-турнир Австралија опен во Мелбурн, на дуелот со Данил Медведев (Русија) со 3-6, 3-6, 6-4, 6-4, 6-3. Во финалето за тенисерки во саботата титулата ја одбрани Арина Сабаленка (Белорусија), по финалето со Женг Чинвен (Кина), победувајќи со 6-3, 6-2.
За Синер тоа беше прво финале на гранслем-турнир. Тој претходно беше полуфиналист на Вимблдон лани и четвртфиналист на Ролан Гарос во 2020 и на САД опен во 2022 година. Синер е и вториот тенисер од Италија со трофеј на гранслем-турнир во т.н. опен ера (од 1968 година), откако претходно победник беше Адриано Паната во 1976 година на Ролан Гарос.
Со тоа досега на четирите гранслем-турнири (Австралија опен во Мелбурн, Ролан Гарос во Париз, Вимблдон во Лондон и САД опен во Њујорк) победиле 153 тенисери, во аматерската и во опен ерата (откако на гранслем-турнирите почнаа да играат и професионалци). Рекордер е Ѓоковиќ со 24 трофеи, а потоа следуваат Рафаел Надал (Шпанија) со 22, Роже Федерер (Швајцарија) со 20, Пит Сампрас (САД) со 14, Рој Емерсон (Австралија) со 12, Род Лејвер (Австралија) и Бјорн Борг (Шведска) по 11, Бил Тилден (САД) со 10 итн.
За Сабаленка, тоа беше трето гранслем-финале, откако играше и во мечот за титулата на САД опен лани. Таа беше и во полуфиналиња на Ролан Гарос во 2023-та и на Вимблдон во 2021 и во 2023 година. Досега 130 тенисерки освоиле титула на гранслем-турнир, рекордерка со по 24 титули е Маргарет Корт (Австралија), Серена Вилијамс (САД) има 23, Штефи Граф (САД) 22… Н.М.