По три од предвидените четири рунди (една не се одржа поради силен ветер), Крафт првпат е светски првак, откако претходно двапати беше трет, во 2016 и во 2022 година. На досегашните 28 светски првенства има 25 шампиони во скијачки летови и само тројца успеале двапати да ја освојат титулата

Австриецот Штефан Крафт ја освои титулата светски шампион во скијачки летови на Светското првенство во Кулм (Австрија) во саботата. Крафт се искачи на врвот во драматично финале пред Андреас Велингер од Германија и Тими Зајц од Словенија.
Точно два часа ветерот на леталницата од 235 метри во Кулм ги нервираше натпреварувачите, гледачите и жирито, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Почетокот на третата од четирите натпреварувачки рунди, првично закажан за 14 часот, мораше постојано да се одложува бидејќи ветерот беше премногу силен. Последното можно време за почеток беше 16 часот и, на задоволство на 20.000 гледачи, тогаш почна, а поради доцното време на почеток веќе беше јасно дека нема да има вкупно четири планирани рунди, туку три.
– Бев многу нервозен, за среќа, сѐ што имав планирано успеа во тој скок. Беше одлично што беше доволно. Тоа е еден од моите најдобри денови. Прекрасно е што успеав да го доживеам сето тоа. Му благодарам и на целиот тим. Сите работат напорно и можам да уживам во тоа. Но уште не сме готови, а едвај го чекам следниот натпревар – рече Крафт во интервјуто за ОРФ, пренесе ФИС, во пресрет на вчерашниот тимски натпревар.
Крафт, актуелниот лидер во Светскиот куп и сериски победник во сезонава, уште еднаш ја покажа својата врвна класа. Тој го престигна Зајц, кој водеше по две рунди, и го обезбеди златниот медал.

– Беше исклучително тесно. Водечката тројка беше на 4,7 поени еден од друг, што е речиси ништо. Секако, заостанав само 2,2 поена зад Крафт и златниот медал, но ова натпреварување денес беше многу блиску да се откаже поради условите со ветерот и ако беше откажано ќе бев четврти и ќе си одев дома без медал – изјави Велингер, кој по првите две рунди во петокот беше на четвртото место.
Зад првите тројца, Норвежанецот Јохан Андре Форфанг е на четврто место, а потоа се Ловро Кос од Словенија, Пјотр Жила од Полска и изненадувачки силниот Финец Нико Китосахо, пишува ФИС. Рјоју Кобајаши од Јапонија го освои деветтото место, а бранителот на титулата Мариус Линдвик од Норвешка беше 13-ти.
Светските првенства во скијачки летови се одржуваат од 1972 година и ова беше 28. мундијал. Крафт првпат е шампион, откако претходно двапати беше трет, во 2016 и во 2022 година. За Велингер тоа е прв медал од овие светски првенства, а за Зајц втор, откако во 2022 година го освои сребрениот. Следниот светски шампионат е предвиден за 2026 година, во германскиот Оберсдорф.
На досегашните 28 светски првенства има 25 шампиони во скијачки летови и само тројца од нив успеале двапати да ја освојат титулата. Тоа прв го направи Валтер Штајнер (од Швајцарија, победи во 1972 и во 1977 година), а потоа единствените со освоени титули во низа, Свен Ханавалд (Германија, 2000 и 2002 година) и Роар Јокелсој (Норвешка, 2004 и 2006 година). Н.М.