Фото: „Нова Македонија“

Трансформацијата на ТЕЦ „Неготино“ во комбинирана когенеративна електроцентрала (термоцентрала-топлана), како и трансформацијата на сите други вакви електроцентрали (Битола, Скопје) е неопходно државата да ги направи со сопствени средства за да се зголеми што е можно повеќе домашното производство на струја од државните енергетски објекти, со кое ќе се покрие потрошувачката на струја на граѓаните и индустријата во Македонија по цени пониски од берзанските!

Предлог за економична трансформација на ТЕЦ „Неготино“ во комбинирана гасно-парна електроцентрала

Во јавноста протекоа информации дека Владата бара странски „стратегиски инвеститор“ за изградба или адаптација на гас на ТЕ „Неготино“ и РЕК „Битола“, спомнувајќи ја американската компанија „Џенерал електрик“, како и моќностите на електроцентралите од 300 мегавати и од 800 мегавати. Колкава е исплатливоста на предложените гасни електроцентрали каде што концесионер би била странска компанија? Дали ќе се продава струјата по берзанска цена или ќе нѐ чини поевтино? Дали е поповолно за граѓаните да се направи тоа со сопствени сили, а наедно и да се зголеми домашното производство?

Самостојно и без „стратегиски инвеститор“!

Според универзитетскиот професор Атанаско Тунески, Владата треба сама да го реализира со државни средства проектот за економична трансформација на ТЕЦ „Неготино“ во комбинирана когенеративна електроцентрала (термоцентрала-топлана), а не да бара „стратегиски инвеститор“ за овој проект, затоа што секој „стратегиски инвеститор“ ќе ја продава струјата од овој објект по пазарни цени, многу повисоки од цената на струјата од државната компанија АД ЕСМ.
– Оваа комбинирана когенеративна електроцентрала (термоцентрала-топлана), како и сите други вакви електроцентрали (Битола, Скопје) државата мора да ги направи со сопствени средства за да се зголеми што е можно повеќе домашното производство на струја од државни енергетски објекти, со кое ќе се покрие потрошувачката на струја на граѓаните и малата индустрија во Македонија по цени пониски од берзанските. Потребно е постојано да се зголемува производството на електрична енергија од електроенергетски објекти во државна сопственост, со што ќе се зајакне македонската енергетска сувереност и ќе се обезбеди стабилна енергетска иднина за македонските граѓани и компании – укажува Тунески.
Како што вели тој, ако постои политичка волја, во наредните четири години е можно да се изградат комбинирани когенеративни електроцентрали (термоцентрали-топлани) во Неготино, Скопје, Битола, кои ќе обезбедат сериозни количества базна електрична енергија, како и топлинска енергија за загревање на домаќинствата и за пластеничко производство на зеленчук.
– Паралелно со ова, државата треба да вложува во изградба на фотоволтаични и ветерни електроцентрали на најдобрите можни локации, наместо да им го остава тоа на странски инвеститори, кои ќе ги користат македонските национални ресурси за да обезбедат сериозни профити со продавање на електричната енергија по берзански цени – посочува Тунески.

Кој е патот кон зајакнување на македонската енергетска сувереност?

Стратегиски инвеститори во нашиот електроенергетски сектор, додава тој, мораат да бидат реномирани светски познати компании, а не анонимни компании или регионални компании што се големи во локални рамки, но не се светски познати.
– Стратегиски инвеститор во енергетиката ѝ треба на Македонија само за реализација на проектот „Вардарска Долина“, сите други позначајни енергетски објекти Македонија мора сама да ги изгради со сопствени средства, затоа што Македонија мора постојано да го зајакнува својот енергетски суверенитет со постојан пораст на своето сопствено производство на електрична енергија – објаснува Тунески.
Според универзитетскиот професор Дејан Трајковски, кој во списанието „Емитер“ изнесе свои ставови, американската компанија нема да ни продава цена под берзанската, која моментално изнесува околу 100 евра на мегават-час.
– Зошто би ни продавала поевтино, ако може да ја продаде преку берза поскапо? Освен тоа, во ноќните часови цената на берза изнесува околу 80 евра на мегават-час, што е на самата граница на рентабилност, па може да се случи ноќе сосема да ја исклучуваат централата. Малиот број работни часови, од друга страна, го пролонгира временскиот период за отплата на инвестицијата. Најлошо би било ако ги вложиме нашите постојни термоцентрали и според примерот со „Чебрен“ станеме кираџии во сопствената намерно обезвредена куќа, додека американската компанија извлекува профит на нашиот пазар. Сега, кога сме начисто дека во иднина ќе плаќаме многу поскапа електрична енергија, но поради условот за зелена транзиција ќе мораме да се откажеме од електроцентралите на јаглен, да видиме дали постои поевтин начин за добивање енергија од природен или втечнет гас – вели Трајковски.
Тој додава дека поседувањето на термоцентралите на јаглен претставува голема предност што мораме да ја искористиме. Со исклучок на целиот систем за производство и достава на јаглен, како и котелот на јаглен, а во случајот на ТЕ „Неготино“ котелот на мазут, остатокот од електроцентралата може целосно да се искористи во новата гасна електроцентрала, која би работела во комбиниран циклус, укажува професорот.
– Освен тоа, таа би можела да биде комбинирана, за производство на топлинска енергија за далечинско греење, за што во Битола веќе се прават подготовки. Од една швајцарска фирма, чиј сопственик е пријател на Македонија и која досега имала одлична соработка со македонските термоцентрали, преку нивните сојузници во една пријателска западноевропска земја дошле до една фантастична понуда, според која, постои можност да се оживее ТЕ „Неготино“, која е во резерва практично уште од самата нејзина изградба. Досега ниту е многу користена, ниту економски се исплатела. Со купување две гаснотурбински групи од по 150 мегавати електрична моќност, со чии жешки издувни гасови преку изменувач на топлина (парогенератор) би се погонувала постојната термоцентрала на пареа, која би давала уште 150 мегавати електрична моќност. Така, во комбиниран Брајтон-Ранкинов циклус би добивале вкупно 450 мегавати електрична моќност. Бидејќи ТЕ „Неготино“ има инсталиран капацитет од 195 мегавати, би требало да се испита дали може и нејзиниот котел да се употреби, т.е. да се адаптира на гас за производство на уште малку пареа заради добивање на 495 мегавати електрична енергија – истакнува Трајковски.
Со народен јазик кажано, како што вели професорот, во новата релативно еколошка централа, која би емитирала околу 2,5 пати помалку јаглерод диоксид по единица произведена електрична енергија, би плаќале гас за 300 мегавати, а од парната централа би добивале бесплатно уште 150 мегавати електрична енергија. Поради ова, имено, степенот на корисно дејство на гасните електроцентрали во комбиниран циклус достигнува 50-60 отсто, за разлика од околу 30 отсто кај класичните термоцентрали на лигнит.
– За само стотина милиони евра, заедно со сите трошоци за демонтажа, релокација, освежување и инсталација, би добиле 450-500 мегават електрична енергија (колку два блока од РЕК „Битола“) и стотина мегавати топлинска енергија за далечинско греење. Доколку работи само по 12 часа на ден, таа би произведувала околу 2.000 гигавати на час електрична енергија годишно, односно приближно колку што моментално увезуваме по берзански цени. Иако цената на електричната енергија од гас е многу висока, ако на отплата на оваа целосно наша централа отпаднат 15 евра на мегават-час, ние би ја вратиле инвестицијата за само три години. Тоа би била најбрзата зелена транзиција за земјава, иако на долг рок би требало да градиме и други извори на зелена енергија – додава тој.