Некогаш резервирани главно за спортисти и рекреативци, протеинските пудинзи денес станаа еден од најбараните производи во супермаркетите. Протеинските пудинзи ги преплавија полиците во продавниците, а многумина се прашуваат дали навистина толку се здрави или сето тоа е само уште еден маркетиншки тренд?
Многуте протеини, тоа што имаат малку шеќер и привлечното пакување создаваат впечаток дека се здрава алтернатива на класичните десерти. Нутриционистите истакнуваат дека протеините се еден од најважните макронутриенти. Учествуваат во градењето и зачувувањето на мускулната маса, важни се за регенерација на ткивата, здравјето на коските, кожата и косата, и придонесуваат за подолго чувство на ситост бидејќи се варат побавно од јаглехидратите. Сепак, експертите предупредуваат дека високата содржина на протеини не значи автоматски дека производот е здрав.
Нутриционистот Роб Хобсон за британски „Дејли меил“ истакнува дека многу протеински пудинзи сè уште важат за ултрапреработена храна, која често содржи засладувачи, згуснувачи, стабилизатори, ароми и други адитиви. Со други зборови, додавањето протеини не го претвора десертот во нутритивно идеална храна. Протеинските пудинзи можат да бидат практично решение по тренинг или кога немате време да јадете висококвалитетен оброк богат со протеини во текот на денот. Повеќето содржат помеѓу 15 и 25 грама протеини по порција, количество споредливо со две-три парчиња пилешки гради или голема чаша грчки јогурт. Сепак, важно е да се погледне целата декларација. Некои производи имаат малку шеќер и масти, додека други содржат долг список на состојки, вештачки ароми и засладувачи, кои не се нужно проблематични, но укажуваат на висок степен на преработка.































