По успешното прво издание, фестивалот „Скопје се лади“ се враќа по вторпат и на 5 септември ќе го претвори Стадионот на АРМ во Скопје во најголемата летна музичка сцена во државата. Годинашниот фестивал носи ексклузивен настап на светски познатиот диџеј и продуцент Бурак Јетер, кој за првпат доаѓа во Македонија. Како автор на глобалните хитови „Tuesday“ и „My Life Is Going On“, кој е главна тема на серијата „Мани хајст“, Бурак Јетер е едно од највлијателните имиња на современата електронска музика.
Неговиот хит „Tuesday“ беше број еден во повеќе од 80 земји, а видеото има над 820 милиони прегледи на Јутјуб и повеќе од една милијарда слушања и прегледи на сите дигитални платформи. Добитник е на престижни меѓународни музички награди, редовно се наоѓа на листата „Диџеј маг топ 100“, а зад себе има настапи на најголемите светски фестивали, меѓу кои „Тумороуленд“, „Ултра мјзуик фестивал“ и „Парокавил“ и е првиот диџеј во светот што одржал настап во стратосферата.
Покрај главната ѕвезда, фестивалската програма ќе ја збогатат и едни од најдобрите домашни и регионални артисти.
Посетителите ги очекуваат повеќе од пет часа врвна електронска музика, современа продукција, спектакуларни светлосни и сценски ефекти и атмосфера каква што досега ретко била видена во Скопје. „Скопје се лади“ има амбиција да стане препознатлив музички бренд и еден од најзначајните фестивали во регионот, кој ќе го позиционира главниот град како атрактивна дестинација за големи музички настани и меѓународни изведувачи.































