Фото: Општина Кавадарци

Со две премиерни изведби и ретко изведуваната Соната од Морис Равел, виолинистот Марко Поп Ристов и виолончелистот Исак Харачиќ приредија несекојдневно музичко доживување пред кавадаречката публика.

Концертот се одржа во галерискиот простор на Куќата на мирис и вкус при Музеј-галерија Кавадарци, во рамки на манифестацијата „Кавадаречко културно лето 2026“, со поддршка од Министерството за култура.

Особено внимание привлече премиерната изведба на делото „In the Web“ од шведската композиторка Беата Содерберг Квин, напишано минатата година специјално за виолина и виолончело. По првата изведба во Битола, кавадаречката публика имаше можност да ја проследи втората концертна изведба на ова современо музичко дело.

Марко Поп Ристов и Исак Харачиќ се музичари со успешни меѓународни кариери, поврзани преку No Borders Orchestra, оркестар составен од врвни млади музичари од седум европски земји, чија мисија е преку музиката да ги надминува националните поделби и стереотипи.

Марко Поп Ристов, кој по татко потекнува од Кавадарци, музичкото образование го започнал на деветгодишна возраст под менторство на професорката Сихана Бадивуку Хоџа. На 16 години добил стипендија за студии кај професорот Павел Верников во Италија. По освоените награди на меѓународни натпревари, дипломирал на Кралскиот музички колеџ во Лондон, а магистерските студии по камерна музика ги завршил на Guildhall School of Music and Drama. Во 2012 година дебитирал во престижниот „Барбикан“ центар во Лондон, а како солист настапувал со оркестри во Велика Британија, Италија и Македонија. Од 2021 година е докторанд на Универзитетот Ваикато во Нов Зеланд.

Исак Харачиќ музичкото образование го започнал во училиштето за музички таленти во Чуприја, а дипломирал на Музичката академија во Сараево. На само 19 години бил именуван за прв виолончелист на Сараевската филхармонија. Покрај оркестарската кариера, активно настапува како солист и камерен музичар на бројни меѓународни фестивали и концертни сцени во Европа, САД и Азија. Во текот на кариерата соработувал со светски познати диригенти и музичари, меѓу кои Зубин Мета, Рикардо Мути, Леонард Слаткин, Емануел Пахуд и Сергеј Крилов.

Со извонредната изведба и внимателно избраната програма, дуото Поп Ристов – Харачиќ уште еднаш потврди дека припаѓа на врвот на новата генерација балкански музички уметници со меѓународен углед.

М.М.