Повод: 105 години од раѓањето и 25 години од смртта на Крсте Црвенковски (Прилеп, 16.7.1921-Скопје, 21.7.2001)

Народниот херој Крсте Црвенковски во својот динамичен и плоден живот постигнал исклучителна голема афирмација како политички деец, публицист и државник, како на македонско така и на југословенско ниво. Тоа му го овозможија неговиот здрав политички поглед и разум со кои успешно се одржувал, растел и развивал во бурните македонски и југословенски води, исполнети со разни настани. Одбележувањето 105 години од неговото раѓање и 25 години од смртта претставуваат повод за потсетување на неговиот лик и дело. Според историчарот Рубинчо Белчески, Црвенковски е востаникот што на 11 октомври 1941 во Прилеп заедно со своите соборци го започнува народното востание против фашистичкиот окупатор, со кое Македонија застана на страната на антифашистичката коалиција, а низ таа борба во периодот 1941-1945 се роди македонската држава.
Роден е во Прилеп на 16 јули 1921 година, како прво дете на мајката Блага и таткото Трајко, познат касап и трговец. Родителите по него имаат уште три сина и една ќерка Донка (Донче), која загинала во партизани на 16 години и сите учествувале на страната на силите што се бореле за национална слобода и социјална правда. Крсте го имал своето прво револуционерно воспитување читајќи ја книгата „Мајка“ на Максим Горки, а со другите напредни литературни дела продолжил да го гради својот револуционерен дух. Во 1935 година, на 14 години, станал член на СКОЈ, а набрзо и претседател на литературната дружина во гимназијата, на чии состаноци се развивале дебати за прочитани книги, гледани филмови, истакнувајќи ги социјалниот момент, правдата и слободата. Кога наполнил 18 години, бил примен во КПЈ со задача да основа партиска ќелија во гимназијата. По нејзиното формирање, станува нејзин секретар, а набрзо и член на МК на КПЈ за Прилеп. Бил одличен ученик. По завршувањето на гимназијата, по налог на партијата, заедно со Благоја Корубин се запишува на Филозофскиот факултет во Скопје, но набрзо, поради неговата револуционерна дејност е принуден да премине во илегала, најпрвин во Скопје, а потоа и во Прилеп. По окупацијата на Југославија во 1941 година активно учествува во подготовките на востанието и е директен учесник во него.
На 11 октомври, Крсте, заедно со Коле Чашуле, Мице Димески, Киро Ќососки и Киро Базерко е во групата што извршила прекин на телефонско-телеграфските врски во градот. За самото востание и за борбата на македонскиот народ, Црвенковски изјавил: „Востанието од 1941 до 1945 година беше кристално чисто македонско-национално востание насочено кон егзистенцијалните македонски интереси, борба за слобода против фашистичките окупатори, но и конечна пресметка со сите наши поранешни поробувачи, кои го негираа македонскиот национален идентитет, кои со перфидни методи, бескрупулозни репресии, сѐ со цел да нѐ асимилираат во своите национални корпуси, со надеж дека како браќа по вера (православни христијани), и по племе (Словени), полесно ќе го изведат тоа во однос на нашите поранешни повеќе вековни поробувачи, Османлиите. Победоносното востание беше во исто време и една длабока духовна ренесанса на македонскиот народ – низ борбата се надминаа сите делби на разни ’филства‘ (бугарофилство, србофилство, гркофилство) и на сцената стапи наполно национално оформен и освестен народ – прочистен во својата национална свест како македонски…. Крајна цел на нашето востание беше создавање на македонска држава, што ни беше останато како завет од нашите претходни револуционери и револуционерни борби, особено од оние од времето на Илинденското востание од 1903 година. И не случајно целата политичка платформа беше градена врз традициите на Илинден, на Гоцевата ВМРО, охрабрувана со имињата на илинденските великани, наслонета на нивните фундаментални мисли… Лесно е да се самопрогласиш за продолжувач на илинденските револуционери, тешко е тоа со дело да го докажеш“.

На 23 октомври 1941 година во месноста Дуова Вода, во близината на манастирот „Св. Димитрија“, во близината на селото Степанци официјално е формиран прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“. За командант е назначен Ѓоре Велкоски-Стрелката, а за политички комесар 20-годишниот Крсте Црвенковски. Тие денови, тројца борци од одредот добиле „партиска – партизанска“ задача да создадат песна што ќе биде химна на одредот, која ќе го подигнува борбениот морал на борците, а наедно, да го поттикнува населението на вклучување во партизанското движење. Тоа биле: Крсте Црвенковски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски-Оцка. Сите со свои афинитети, како кон пишаниот збор и литературата,така и кон музичкото творештво, ја создале песната „А бре Македонче“, а својата прва „промоција“ ја има во селото Царевиќ, на 8 ноември 1941 година, кога е и одржан првиот митинг во поробена Македонија. Таа станала химна не само на прилепскиот партизански одред туку и на целото партизанско антифашистичко движење во Македонија.
По расформирање на прилепскиот одред, Крсте во февруари 1942 г. е упатен на работа во заднината на територијата на Македонија под италијанска окупација, со задача за зацврстување на партиските организации, за што имал чести средби со Кузман Јосифоски-Питу. Најпрво станува секретар на Обласниот комитет на СКОЈ, а летото во 1942 година е назначен за секретар на Окружниот комитет на КПЈ за Западна Македонија. Овде засилено работи на формирање партизански одреди, а неуморно патува од село до село, од град во град. Во Тетово го иницира излегувањето на весникот „Братство“, чиј главен уредник е самиот тој. По една провала во Гостивар, во октомври 1942 година, Крсте е уапсен од страна на италијанските фашисти, затворен во гостиварскиот затвор и по едномесечна тортура и измачување е префрлен во затворот во Тирана, Албанија, каде што станува член на затворскиот комитет. По две неуспешни бегства, во април 1943 година, заедно со уште 22 затвореници, успева да побегне преку ископаниот канал и да се најде помеѓу албанските партизани. По краток престој се префрла во Дебар и ја добива повторно функцијата секретар на Окружниот комитет за Западна Македонија, на сега веќе формираната КПМ и раководи со партизанското движење во овој дел. По капитулацијата на Италија на 8 септември 1943 година и ослободувањето на градовите Дебар и Кичево, Германците преземаат голема офанзива против партизанското движење. Од страна на ЦК на КПМ, Крсте е назначен за организационен секретар на ПК на СКОЈ за Македонија, со цел да работи на организирање на Првиот конгрес на НОМСМ (Народноослободителен младински сојуз на Македонија), кој во декември 1943 година и ќе се одржи во селото Фуштани, Егејска Македонија, каде што е избран за раководител на НОМСМ. Во исто време учествува во борбите на Првата македонско-косовска ударна бригада, а учествува и во Февруарскиот поход во 1944 година. Краток период е заменик-политички комесар на Првата народноослободителна ударна бригада и учествува во борбите за ослободување на некои градови во Македонија.

По ослободувањето на Скопје, на искусниот младински револуционерен деец, како политички секретар на ПК на СКОЈ за Македонија му е доверена задачата да го организира Вториот конгрес на НОМСМ, кој се одржува во Скопје во 1945 година – потенцира историчарот Белчески. По ослободувањето на Македонија и Југославија, Крсте Црвенковски извршувал разни партиски и државни функции на ниво на република и федерација и додека ги извршувал предизвикувал голема раздвиженост, особено во развивањето на националните чувства кај Македонците. Имал голема улога и во стекнувањето на Македонската православна црква со автокефалност.
– Во пролета 1967 година се одржала средба на високи државнопартиски функционери од Македонија и Србија, како и претставници на федерално ниво. На состанокот на кој присуствувале Петар Стамболиќ, Драги Стаменковиќ, Вељко Влаховиќ, Едвард Кардељ и Михајло Тодоровиќ, а од македонска страна Крсте Црвенковски и Никола Минчев, и покрај одредени резерви што ги искажале српските претставници, било едногласно решено да се поддржи обновувањето на самостојна автокефална Македонска православна црква, по што следувало одржување на Третиот црковно-народен собор во Охрид. Да не заборавиме дека во тој период Крсте Црвенковски е секретар на ЦК СКМ и член на Извршниот комитет на ЦК на СКЈ, па според тоа, тој имал огромен удел во она што е направено во Македонија во тој период… За разлика од другите македонски политичари од тоа време, Црвенковски за време на својот мандат се залагал за поголема самостојност на републиките и почитување на Македонија и македонските вредности во рамките на југословенската федерација во различни области. Во периодот 1970-1971 година, Крсте Црвенковски им дава поддршка на предводниците на културно-политичкото движење т.н. Хрватска пролет, меѓу кои се: Савка Дабчевиќ–Кучар, Мико Трипало, Драгутин Харамија и други, па затоа доаѓа до судир со официјалната политика на СФРЈ, по што бил обележен како дисидент. Во периодот на пресметката на Централното југословенско раководство 1972-1973, со оние што биле за поголема самостојност на републиките во федерацијата, Црвенковски ќе биде една од главните жртви. Македонското државно раководство, на затворен состанок одржан во декември 1972 година, остро ќе го критикува Црвенковски за искажаните ставови. На седница на ЦК СКМ, одржана во јануари 1973 година, под притисок Црвенковски ќе ретерира од своите ставови, по што ќе му биде дозволено да го заврши својот мандат на местото член на Претседателството на СФРЈ. По завршувањето на мандатот во мај 1974 година, Црвенковски како политички неподобен ќе биде целосно маргинализиран, разрешен од сите функции во федерацијата и републиката, пензиониран и до распадот на Југославија нема да врши никаква јавна функција.

Во времето на еднопартискиот систем, Црвенковски со своите ставови го отворил прашањето на демократски дијалог и понудил аргументи за нов поинаков поглед на националното прашање и решавање на економските проблеми. Тоа биле погледи на поинаков модел на државно и општествено уредување. Тоа биле погледи што подоцна ги отвориле процесите на граѓанската демократија и плурализам, кои се случија во деведесеттите години на минатиот век.
Како публицист и аналитичар на политичкото и националното движење во Македонија, пишувал мемоарски записи, а објавил и повеќе дела. Носител е и на повеќе одликувања и признанија. За Народен херој е прогласен на 27 ноември 1953 година. Во 90-тите години, претседателот Киро Глигоров неформално го рехабилитира својот соборец. Крсте Црвенковски станува член на Советот за безбедност на Република Македонија каде што давал свој придонес во релаксирање на односите, безбедноста, одбраната и во меѓународното етаблирање на Република Македонија. А во 2022 година, претседателот Стево Пендаровски, постхумно го одликува со Орденот на Република Македонија за неговите повеќедецениски напори за создавање македонска држава.