ЏУДО – НА ТУРНИРОТ ВО БОР

Теодора Илиоска освои злато во категоријата помлади пионерки

Џудистите на клубот Сеишин од Прилеп, со шест медали, од кои еден златен, три сребрени и два бронзени, се вратија од меѓународниот турнир во Бор за помлади пионери/ки, пионери/ки и кадети/ки, кој се одржа изминатиов викенд во српскиот град Бор.

Во категоријата помлади пионерки, со злато се закити Теодора Илиоска, додека среброто ѝ припадна на Тамара Илиоска. Во категоријата пионери, бронзен медал освои Давор Најдоски. Кај кадетките, сребрените медали им припаднаа на Теа Настоска и Теона Настоска, додека бронза освои Елеонора Илиоска.

Со последниов успех, всушност, продолжуваат добрите резултати на џудистите од овој клуб. Така, Теа Настоска на неодамна одржаното Балканско првенство за кадети во Турција го освои бронзениот медал, а на меѓународниот турнир во Алексинац, Србија, Теа беше прва во својата категорија, а нејзината сестра Теона Настоска го освои второто место.

Тренерите Мартин Ристески и Киро Здравески изразија задоволство од постигнатиот успех во Бор, нагласувајќи дека одлични борби на татамите имал и Михаел Димоски, кој, сепак, не успеа да се искачи на пиедесталот. Г.И.