Предвидено е да се играат девет кола според швајцарскиот систем, при што секој играч има на располагање 90 минути, со додаток од 30 секунди за потег
Откако во текот на април почнаа шаховските активности со одигрувањето на екипните првенства во младинска конкуренција, како и со почетокот на квалификациите за Втората лига, викендов во Скопје почна Отвореното првенство на Македонија во шах, кое наедно се смета и за национално државно првенство. Паралелно со него посебно ќе се игра и Првенството во женска конкуренција.
Минатогодишните шампиони, ВМ Звонко Станојоски и ФМ Моника Стојковска, обајцата членови на ШК Алкалоид, не се на стартната листа, па ако остане така, ќе биде извесно дека на крајот од турнирот ќе има нови државни прваци.
Предвидено е да се играат девет кола според швајцарскиот систем, при што секој играч има на располагање 90 минути со додаток од 30 секунди за потег. Просечниот рејтинг според провизорната стартна листа на учесници е 1.781 поен.
Вкупно петмина шахисти што се дел од првите 20 на листата на ФИДЕ како играчи со највисок рејтинг во државава ќе бидат дел од ова отворено првенство. Во согласност со таквиот распоред на силите, тие петмина можат да се прогласат за фаворити, а меѓу нив се и членовите на ШК Алкалоид ИМ Филип Панчевски и ИМ Тони Лазов, како прв и четврти носител.
ИМ Филип Панчевски ја освои титулата во 2022 година, но минатата година токму ИМ Тони Лазов имаше неколку успешни настапи, со кои го сврте вниманието на себе. На Екипното првенство на Македонија за екипата на ШК Алкалоид имаше резултат од шест поени од шест партии, а потоа играјќи за македонската репрезентација на Европското првенство во Црна Гора стигна до 6,5 поени од седум партии, со што ја освои и првата велемајсторска норма.
На Отвореното првенство се пријавени 60 играчи, меѓу кои десетина се од младинските категории, од кои најголемиот дел настапуваат за новоформираниот ШК Мулти есенс, кој, исто така, е под закрила на компанијата „Алкалоид“ АД Скопје.
Десет имиња се на списокот на учеснички на женскиот турнир, при што три од нив се дел од таборот на фармацевтите. Женскиот ИМ Габриела Коскоска засега е прв носител на овој турнир со просечен рејтинг од 1.694 поени, а покрај неа тука ќе бидат и младите шахистки Леа Ефтовска и Бонита Јакимова. Според официјалниот распис, планирани се девет кола како и на Отвореното првенство.
Партиите од првото коло се играа во саботата.