СП ВО АЛПСКО СКИЈАЊЕ
Австрискиот скијач Рафаел Хазер (27) е сензационален победник во велеслалом за мажи на Светското првенство (СП) во алпско скијање. Австриската публика конечно успеа да се израдува на светски шампион за мажи на домашен снег во Залбах по триумфот на Рафаел Хазер во велеслаломската трка. На Хазер тоа му успеа по неверојатната втора трка, откако беше петти по првото возење. И покрај бавниот втор сектор, Хазер постигна брз финиш со вкупно време од 2:39,71, минути. Норвежанецот Тимон Хауган, единствениот што можеше да го надмине, направи неколку грешки во второто возење за конечно да ја мине целта како седми.
– Не знам што да кажам, ова е толку неверојатен ден. Мислам дека бев способен да скијам во топ 10 трајно, но стапнав на врвот на подиумот. Не го очекував тоа – изјави за „Еуроспорт“ победникот Хазер.
Швајцарецот Томас Тамлер го освои среброто благодарение на агресивниот пристап кон финишот на патеката. Неговото комбинирано време беше 0,23 секунди зад Хазер. Лоик Мејлард, веќе освојувач на златен медал во Залбах во машкиот тимски настап, ја освои бронзата, завршувајќи со негатива од 0,51 секунда. Актуелниот светски шампион Марко Одермат од Швајцарија, трет по првото возење, на крајот заврши четврти 2:40,29 минути. Единствениот македонски учесник Виктор Петков беше 66-ти (1:36,68) по првото возење и не успеа да обезбеди пласман за второто, оти за тоа му беше потребно да биде 60-ти. Денеска се вози женскиот слалом, додека мажите го затвораат првенството со слаломот утре. Г.И.