Женскиот ракомет очигледно дека оди во нагорна линија, во која доминираат силата и брзата транзиција, а победуваат оние репрезентации што играат подобро во одбраната. За мене ново во женскиот ракомет е враќањето на Данска во европскиот врв, Норвешка повторно ги покажа својата класа и доминација, иако настапи со комбиниран состав, а која ракометарка и да беше прогласена за најдобра на ЕП од норвешкото бековско трио немаше да биде неправедно, вели селекторот на македонската репрезентација Љубомир Савевски

РАКОМЕТ

РАКОМЕТ

На Европското првенство (ЕП) за ракометарки, 15-то по ред, кое се одржа во Словенија, Македонија и во Црна Гора, репрезентацијата на актуелниот европски првак Норвешка ја одбрани титулата и го освои своето деветто злато, откако во финалето ја совлада Данска со 27-25. Бронзата ѝ припадна на Црна Гора, која го победи актуелниот олимписки првак Франција со 27-25. За Данска ова е трето сребро од ЕП, а за Црна Гора прва бронза. Македонија го освои 16-то, но истовремено и првпат настапи по ЕП 2012 во Србија.
– Од ова Европско првенство можеме само да научиме како се игра современ брз ракомет, дека победуваат оние репрезентации што во своите редови имаат брзи и борбени ракометарки, кои можат да играат и на бековска и на центарска позиција, како во нападот и во одбраната. Женскиот ракомет очигледно дека оди во нагорна линија, во која доминираат силата и брзата транзиција, а победуваа оние репрезентации што играа подобро во одбраната – вели селекторот на македонската репрезентација Љубомир Савевски.
За македонскиот селектор, позитивно е враќањето на Данска во светскиот врв, а разочарување е пласманот на Франција. Норвешка уште еднаш ја покажа својата константност во играта.
– За мене ново во женскиот ракомет е враќањето на Данска во европскиот врв и освојувањето медал по 14 години. Таа покажа одлична игра и во финалето против Норвешка, во кое водеше речиси до самиот крај. Норвешка повторно ги покажа својата класа и доминација иако настапи со комбиниран состав од млади и постари ракометарки. Која ракометарка и да беше прогласена за најдобра на ЕП од норвешкото бековско трио немаше да биде неправедно – вели Савевски.
Околу воведувањето евентуални новитети во ракометната игра, Савевски предлага неколку работи.
– Со оглед на фактот што на натпреварите имаше и судиски грешки, јас сум за тоа да има трет, па и четврти судија зад головите, оти судиите, сепак, не можат да видат сѐ, особено на пикерската позиција, каде што грешките беа и најизразени, без разлика што судиите не беа тенденциозни. Едноставно ракометот е толку брза игра, што не може да се види сѐ, па често и се гледаа сомнителните ситуации на ВАР-технологијата. Понатаму, да се воведе и временски ограничен напад, а не тоа да зависи од одлуката на судиите кога ќе кренат рака за пасивен напад – смета Савевски.
Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, пред почетокот на финалниот натпревар на Европското првенство во Љубљана, доби уште едно признание за организацијата на ЕП 2022, кое го прими заедно со претседателите на ракометните федерации на Словенија и на Црна Гора, Бобинац, односно Каписода. Мукаетов, исто така, беше дел од церемонијата на врачување на сребрените медали на ракометарките на Данска, заедно со првиот потпретседател на Европската ракометна федерација (ЕХФ), Предраг Бошковиќ.
Следното ЕП ќе се одржи во Австрија, Унгарија и во Швајцарија, во 2024 година. Г.И.