Фото: ЕПА

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ

Словенецот Тадеј Погачар оствари сензационална двојна титула на велосипедските грантур-трки, откако по победата неодамна на Џиро д’Италија во неделата славеше и на Тур де Франс. Тој забележа вкупно шест етапни победи и стана првиот што победил на овие две од трите најголеми велосипедски трки (грантур-трка е и Вуелта во Шпанија) во истата година, по Италијанецот Марко Пантани во 1998 година. Погачар е 12-от велосипедист со две грантур-титли во една година.
Финалето на Тур де Франс се одржа надвор од Париз првпат од 1903 година, откако главниот град на Франција се подготвува да биде домаќин на Летните олимписки игри (ЛОИ), пишува „Би-би-си“. Ова е трета титула на Погачар на Тур де Франс (победи и во 2020 и во 2021 година). На второто место годинава е ланскиот победник Јонас Винегор од Данска, а трет е дебитантот на Тур де Франс, Ремко Евенепул од Белгија.
– Не можам да опишам колку сум среќен. По две напорни години на Тур де Франс, годинава сѐ отиде до совршенство – изјави Погачар, пренесе „Би-би-си“.
Еди Меркс од Белгија е најуспешниот со 11 титули на грантур-трки, 10 има Бернар Ино од Франција, осум освои Жак Анкетил од Франција…, а Погачар им се приклучи на четворицата со по четири трофеи. Н.М.