Фото: Маја Јаневска-Илиева

Најавени се четири натпревари со Јапонија, три со Романија, два со Израел, а по еден со Грција и со Египет. Македонија на ЕП 2023, во групата во Скопје, од 30 август до 6 септември, ќе се сретне со Полска, Холандија, Чешка, Данска и со Црна Гора

ОДБОЈКА

Македонската одбојкарска репрезентација в понеделник треба да ги почне подготовките за настап на годинашното Европско првенство (ЕП), за мечевите во групата Ц, во Скопје. Избраниците на селекторот Јошко Миленкоски до почетокот на шампионатот ќе одиграат 11 тест-натпревари, објави Одбојкарската федерација на Македонија на својата фејсбук-страница.
Најавени се четири натпревари со Јапонија, три со Романија, два со Израел, а по еден со Грција и со Египет. Македонија третпат ќе игра на континенталното првенство, по учествата во 2019 година (17-то место) и во 2021 година (23).
Покрај Македонија, домаќини на ЕП 2023 се и Италија (група А), Бугарија (група Б) и Израел (група Д). Во групата во Скопје (натпреварите се играат во СЦ „Борис Трајковски“, од 30 август до 6 септември), Македонија ќе се сретне со Полска (прва на ранг-листата на Светската одбојкарска федерација), Холандија (11-та), Чешка (20-та), Црна Гора (38-ма) и со Данска (43-та).
Најдобрите четири репрезентации од секоја од четирите групи ќе се пласираат во осминафиналето, а селекциите од групата Ц ќе ги продолжат натпреварите во Италија.
Јапонската репрезентација, шеста на ранг-листата на Светската одбојкарска федерација (ФИВБ), минатата недела во Лигата на нациите загуби од Полска со 0-3, а претходно во групната фаза ги совлада Холандија со 3-1 и Кина со 3-2, а загуби од Италија со 1-3. Во четврт-финалето в четврток треба да игра со Словенија. Јапонија е некогашен олимписки првак (1972 година) и е деветкратен шампион на Азија.
Романија (31. на светската листа) беше европски првак во 1963 година, во 2019 година на континенталното првенство беше 21., а на годинашното ЕП ќе игра во групата Д, во која се и Израел (65-ти на ранг-листата на ФИВБ) и Грција (35-та). Романија во јуни настапи во Европската златна лига, во групата А го освои третото место, со две победи, на мечевите со Турција и со Данска. Македонија и Романија лани играа меѓу себе во Европската сребрена лига, забележаа по една победа дома (3-2 за Романија, 3-1 за Македонија). Египет (19-ти на ранг-листата на ФИВБ) е осумкратен првак на Африка, има 10 настапи, од кои седум во низа, на светските првенства (лани беше 19-ти), шест на летни олимписки игри (деветто место во 2016 година)… Н.М.