АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП ЗА ЖЕНИ

Со сите очи вперени во Микаела Шифрин, која е во трка по рекордната 82. победа на Светскиот куп, Канаѓанката Валери Грение испиша сопствена историја со тоа што ја запиша својата прва победа, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница.
Грение оствари две беспрекорни трки во Крањска Гора (Словенија) за да стане првата канадска победничка на велеслаломска трка од Светскиот куп по речиси 50 години, откако Кети Крајнер победи во Пронфтен, Германија, на 6 јануари 1974 година.
Тоа не беше само прва победа на Грение во Светскиот куп во алпско скијање туку и нејзин прв пласман на подиумот, на кој се најдоа и второпласираната Марта Басино од Италија и третопласираната Петра Влхова од Словачка. Шифрин, која е во трка за израмнување на рекордот во победи во трки од Светскиот куп за скијачки на сонародничката Линдзи Вон од 82 триумфа, го освои шестото место.
Триумфот на Канаѓанката дојде само по две трки откако беше дисквалификувана на првата од велеслаломските трки во Семеринг кон крајот на декември, поради прерано напуштање на стартната порта.
Во Светскиот куп води Шифрин со 1.015 бода, а потоа се Влхова со 646, Венди Холендер (Швајцарија) со 511 итн. Во Крањска Гора вчера на програмата беше уште една велеслаломска трка.