Томе Јосифоски и Дејан Мицкоски во улога на предавачи ќе ги споделат сите промени што беа презентирани на семинарот во Лисабон со своите колеги, тренери и судии
ЏУДО – УТРЕ ВО ПРИЛЕП ЕДУКАТИВЕН СЕМИНАР
Измените на правилата што ќе важат во олимпискиот циклус 2022–2024 година ќе бидат главна тема на едукацискиот семинар за џудо-тренери и џудо-судии, кој ќе се одржи утре во Прилеп. Томе Јосифоски, интернационален џудо-судија од Б-категорија и актуелен претседател на Судиската комисија при ЏФМ, и Дејан Мицкоски, лиценциран џудо-тренер од А-категорија, член на стручниот совет и на Дан-комисијата при ЏФМ, во улогата на предавачи ќе ги споделат сите промени што беа презентирани на семинарот за судии и тренери одржан во Лисабон, Португалија, со своите колеги, тренери и судии.
Покрај за едукација, семинарот ќе се искористи и за обновување лиценци за џудо-судии за тековната 2022 година за сите судии што не беа во можност да присуствуваат на семинарот одржан во Прилеп на 13 февруари годинава. Семинарот ќе се одржи во просториите на училишниот дом „Орде Чопела“, а со техничка организација на клубот Сеишин од Прилеп.
Како што е познато, во организација на Европската џудо-федерација (ЕЏФ) и со техничка поддршка на Џудо-федерација на Португалија, на крајот на март во Лисабон се одржа меѓународен Семинар за тренери и за судии. На овој семинар учествуваа околу 100 стручни лица, тренери и судии од сите европски држави, а Македонија преку ЏФМ ја претставуваа Мицкоски и Јосифоски. Семинарот беше предводен од првите луѓе и стручњаци од ЕЏФ, од натпреварувачката, судиската и комисијата за едукација и беше со заемна комуникација меѓу предавачите и присутните стручни лица, со цел имплементација и детална обработка на изменетите судиски правила, кои ќе важат за олимпискиот циклус 2022-2024.
Принципот на новите правилата е да се заштитат спортистите и спортот во целина, а истовремено да се промовира џудото да биде подинамично и поатрактивно за јавноста и за медиумитe.