Наковска-Бикова вторпат го израмни македонски рекорд, со 572 погодени круга, во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри, освојувајќи го првото место, а сениорски титули освоија и Бранковски (воздушен пиштол од 10 метри), Петровска и Кудрановиќ (воздушен пушка од 10 метри)

СТРЕЛАШТВО – ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА

На стрелиштето во Битола, во организација на Македонската спортска стрелачка федерација (МССФ), се одржа Првенството на Македонија во сениорска конкуренција, со воздушно оружје од 10 метри со пиштол и со пушка од 10 метри во повеќе конкуренции, со учество на над 100 натпреварувачи.

Во дисциплината пиштол, жени, првото место го освои европската шампионка од Хамар годинава, Оливера Наковска-Бикова од клубот Работнички, со 572 круга (95, 93, 97, 96, 94, 97), и вторпат го израмни македонскиот рекорд. Рекордот го постави на 11 мај 2019 година на турнир во Хановер, а првпат го израмни на 25 август 2019 на гранпри-турнирот во Нови Сад. Второто место ѝ припадна на нејзината клупска колешка, Натка Лазарева-Симовска (532 круга), а третото на Вероника Велковска од клубот Стрелец (530 круга).

Во машка сениорска конкуренција, пиштол, златото го освои олимпиецот од Токио лани, Борјан Бранковски, СК Стрелец со 557 круга (97, 92, 91, 95,91, 91), среброто го освои неговиот клупски колега и претседател на МССФ, Јордан Тасевски (555), а бронзата Сашо Тодоров (544) од СК Херој од Прилеп.

Кај сениорките, во дисциплината воздушна пушка, шампионка стана Мартина Петровска (589,4 круга) од СК Охрид, втора е Надица Митровска (585,5) од СК Кавадарци, а трета Ангела Стојанова (570,9) од СК Херој Прилеп. Кај сениорите победи Драгослав Кудрановиќ (592,8) од СК Стрелец, пред Бојан Симичиев (570,4) од СК Стрелец и Борче Талевски (559,1) од СК Херој Прилеп. Во другите конкуренции прваци на Македонија за 2022 година се: со пиштол, кај јуниорките, Ива Дилевска (515) од СК Куманово 2000, и кај јуниорите Александар Миовски (503) од СК Стрелец, а со пушка кај јуниорките, Анастасија Мојсовска (616,8) од СК Стрелец, и кај јуниорите Мартин Анѓелески (615,8) од СК Херој од Прилеп.