Начинот на мамење е круцијална работа. Сѐ додека не се докаже измамата, тука мислам на партии во живо на табла, ништо не може да се направи, додека во шаховските натпревари преку интернет сигурно постои мамење, вели ВМ Драгољуб Јаќимовиќ

ПО СКАНДАЛОТ НА ИНТЕРНЕТ-ТУРНИРОТ КУП НА ГЕНЕРАЦИИ

Скандалот што настана неодамна кога светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.861 рејтинг-поени), одби да игра онлајн партија против американскиот велемајстор (ВМ) Ханс Ниман (2.688) и по само еден потег го исклучи компјутерот, како последица на претходниот турнир во Синкфилд (САД), каде што Карлсен се повлече по поразот токму од Ниман, изразувајќи сомневање дека противникот мамел на таблата, повторно ја разгоре контроверзната расправија дали има шаховски измамници што победуваат на „црно-белите“ полиња со помош на мобилни телефони, скриени чипови под кожата, во забните пломби, па дури и во очните леќи?!
– Поради ваквите случувања во шахот, јас и прекинав да играм активно веќе пет години, освен во македонската клупска лига. Така, на последниот турнир „Опен Скопје“ во класичен шах имав пет победи во првите пет кола, а потоа многу лесно изгубив од шахист што никогаш не минувал рејтинг од 2.500 поени. Немам идеја ни како се прави тоа ни како да се санира – вели селекторот на македонската шаховска репрезентација, ВМ Трајко Недев.

Во минатото имало повеќе примери за мамење во шахот. Шахист на силен турнир во Задар (иако не победи) и неколкуте брзопотезни турнири, со квалитетот на неговите партии и брзината со кои ги влечел најдобрите потези, го изненади шаховскиот свет. Едноставно нереално е играч со тогашен рејтинг во забрзан шах од 2.100 поени, да погоди дури 90 отсто од анализите на шаховската програма Худини.
На еден турнир во Дортмунд ,пак, шахист, во својот џеб имал мобилен телефон. Иако бил исклучен, од судијата му било побарано да го остави на масата. По извесно време, телефонот почнал да вибрира слично на Морзеовата азбука, а потезите следувале по кратко време!
Или случајот на еден поранешен турнир во Варна, играч често ја напуштал салата за играње и одел во тоалет. што било доволно за сомнеж кај судијата, кој побарал да го остави својот мобилен телефон на судиската маса. По извесно време, телефонот сам се активирал и на него се појавила позицијата што тој ја играл во моментот.
– Мислам дека измамници имало и ќе има во шахот. Затоа треба да има поголеми контроли со големи казни, инаку секогаш ќе има шахисти што ќе мамат – дециден е актуелниот шампион на Македонија, ИМ Филип Панчевски.

На поединечните турнири или таму каде што играат мал број шахисти може полесно да се провери тоа, но се поставува прашањето како на турнири каде што играат над 200 шахисти, потезите најчесто и најлесно може да ги добијат кога играчот оди во тоалет и таму преку телефон ги добива, оти на телефонот може да се вгради цела шаховска програма. Еден од начините зa откривање на измамниците секако е детекторот за лага, на кој ќе биде изложен шахистот, а може и со одложено 30-минутно објавување на потезите, кои одат во живо.
– Начинот на мамење е круцијална работа. Сѐ додека не се докаже измамата, тука мислам на партии во живо на табла, ништо не може да се направи, додека на шаховските натпревари преку интернет сигурно постои мамење – вели ВМ Драгољуб Јаќимовиќ.

[email protected]