Фото: ЕПА

Словенецот славеше со вкупно време од 79 часа, 14 минути и три секунди, односно девет минути и 56 секунди пред Даниел Мартинез од Колумбија

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ЏИРО Д`ИТАЛИЈА

Словенечкиот велосипедист Тадеј Погачар (25) триумфира на трката Џиро д’Италија, по завршувањето на 21-та етапа, која се возеше низ Рим. Погачар славеше со вкупно време од 79 часа, 14 минути и три секунди, односно девет минути и 56 секунди предност пред второпласираниот Даниел Мартинез од Колумбија, што претставува и најубедливата победа во последните шест децении. Последен пат поголема временска разлика на победа на Џиро д`Италија беше видена во 1965 година, кога Италијанецот Виторио Адорни славеше со повеќе од 11 минути предност пред второпласираниот натпреварувач. Третото место му припадна на Британецот Герајнт Томас со 10 минути и 24 секунди заостанување зад Погачар.
– Немам зборови. Тешко е да се опише овој неверојатен момент со многу убави спомени. За некое време ќе видам кој беше најдобриот момент, но генерално сметам дека тоа беше навистина убаво Џиро – изјави по триумфот Погачар.
Погачар победи на шест етапи на годинешната трка Џиро д`Италија, а секако ќе се обиде да стане и првиот велосипедист што триумфирал на престижните Џиро д`Италија и Тур д’Франс во иста година. Најголем конкурент на Тур д`Франс (започнува на 29 јуни), секако, ќе му биде Данецот Јонас Вингегорд, кој победи на последните две изданија, но неговото ниво на кондиција е нејасно по падот на трката во Ицулија (Баскија) во април годинава.
Последната етапа во должина од 125 километри ја освои Белгиецот Тим Мерлер, со време од два часа, 51 минута и 51 секунда. Тој беше најумешен во спринтерската завршница, пред второпласираниот Џонатан Милан од Италија и третопласираниот Каден Гроувс од Австралија. Г.И.